Skip to content

Формите ме фасцинираат| Ангела Стефановска- Anngo

Ангела Стефановска e архитект, дизајнер и уметник, која има прекрасен уникатен стил за дизајнирање на дрвени скулптури кои внесуваат шаренило во сечиј дом. Да дознаеме нешто повеќе за создавањето на твоето дизајнерско студио Anngo и инспирацијата…

OS Кажи ни нешто повеќе за студиото Anngo, кога дојде идеата за негово основање?

AS Anngo е креативно студио од Скопје кое дизајнира и рачно изработува ѕидни скулптури од дрвен материјал. Геометрискиот шаблон или ‘’pattern’’ кој е главен и препознатлив мотив во сите уметнички дела е она што ги прави дизајните впечатливи и единствени. Шаблонот ги содржи основните форми во геометријата круг, триаголник и квадрат, како и нивни модификации. Скулптурите се изработуваат со подредување на сечени парчиња дрвен материјал во неколку слоеви, создавајќи на тој начин интересен тродимензионален и дводимензионален ефект. Слоевитото спојување на парчиња нуди безброј варијации на игра со форми, бои и димензии, правејќи ги скулптурите уникатни и достапни за секој дом. Идејата за неговото основање дојде во најслучаен момент, почетокот на пандемијата во Македонија, јуни 2020 година.

https://www.instagram.com/p/CDGafXgnehh/

OS Што те инспирираше најмногу за дизајнот на овие геометриски фигури?

AS Идејата за брендот произлегува од континуираниот интерес за геометријата и постојаната игра со форми и бои. Од предмети во секојдневието до геометриски облици, сè претставува инспирација. Но, главно, како дизајнер и архитект, црпам инспирација од некои од најголемите уметници од претходниот век, од Василиј Кандински до Казимир Малевич, па сè до големите пионери на модерното движење како што се Реј Имс, Пит Мондријан и многу други.

OS Кој ти е најинтересниот момент во целиот креативен процес?

AS Не би можела да издвојам баш најинтересен или специфичен дел од целиот креативен процес. Од моментот на светнување на првичната идеја, до нејзината завршна форма целосно вклопена и закачена на ѕид, е цела приказна подеднакво возбудлива во секој момент.

OS Во кој простор мислиш дека најмногу би се вклопиле скулптурите?

AS Скулптурите, како и останатите производи од студио Аннго, масичките, се вклопуваат во секаков вид на простори, независно од нивната големина и просторност, она што е важно е просторот да е подготвен за нешто ново, храбро и динамично во декорирањето.

OS Што може следно да се очекува?

AS Еволуцијата на идејата и новините се мојот главен фокус. Неодамна лансиравме и табла за играње од серијата Anngo Accessories, што беше навистина големо освежување и нешто сосема поинакво од досегашното и она што е следно е дел од истата серија.

https://www.instagram.com/p/CDiuZHkHd-V/

Погледнете ги во нашата е продавница ѕидните парчиња на студиото Anngo.