OS: Koj e Даниел Николовски и со што се занимава?
DN: Здраво Оска, фала за поканата и интересот во моите продукти. Роден сум во Скопје и моментално живеам и работам во Милано, Италија. По професија сум дизајнер на ентериер, но во моментов сум повеќе фокусиран на дизајн на мебел и експериментални парчиња кои се на пресекот помеѓу уметност и дизајн.
OS: Кое е клучното нешто во работата на еден дизајнер и каква е неговата општествена улога?
DN: Постојат многу различни начини да се биде дизајнер. Моето истражување се врти околу односот помеѓу материјалите, експериментирање со техники на продукција, нарација, историја и естетика. Раскажувањето на тие уникатни откритија, може да придонесе во колективниот развој.
OS: Што најмногу сакаш да креираш и со кој од твоите дизајни најмногу се идентификуваш?
DN: Цело време пробувам да работам на нови дизајни и да се соочувам со нови предизвици. Во последно време многу се идентификувам со глината и мислам дека е еден генијален медиум што може да се користи буквално за се. Затоа би рекол дека со последната серија на ‘Silent Fire’ чиниите најмногу се идентификувам, поради тоа што рачно работам на нив и можам целосно да се изразам.
OS: Опиши ни една животна ситуација која те инспирирала и кажи ни дали се занимаваш со уште
нешто покрај дизајнот?
DN: Мојата прва изложба во средно (IB, Јосип Броз Тито – Скопје) по визуелна уметност. Мислам дека тој момент ме маѓепса и убеди да се насочам кон уметноста не само како предмет, туку професија. Дизајнот е на секаде околу мене, кога не дизајнирам се занимавам со колекционерство на антиквитети, винтиџ предмети од стакло, керамика, дрво.
OS: Дали има нешто што ти смета во животниот стил на еден дизајнер и што е тоа?
DN: Би рекол дека понекогаш ми смета фактот што сум премногу опкружен со луѓе што доаѓаат од креативни полиња. За подобар животен баланс битно е да бидеш опкружен со луѓе од различни полиња.
OS: Кој е најдобриот совет кој си го добил?
DN: Да пробам да направам нешто, па дури и да утнам.
OS: Професионално, кој е твојот сон?
DN: Мојот сон е да работам на интердисциплинарни проекти каде што дизајнот, модата, архитектурата, уметноста не се одделен термин, туку еден. Би сакал да соработувам со дизајнери и брендови што ме инспирираат и професионално ме буткаат напред.
OS: Наброј ни три дизајнери или уметници со кои би сакал да соработуваш
DN: Sabine Marcelis, Harry Nuriev и Demna Gvasalia
OS: Кое e најмиленото или најинспиративното место кое си го посетил?
DN: Њу Јорк сити! Апсолутно омилен град. Шетајќи низ улиците на Њу Јорк се осетив не само инспиративен, туку сакав да придонесам нешто мое. Сега сфаќам зошто го викаат градот што не спие, поради тоа што навистина те тера на размислување, работа и акција.
Погледнете дел од производите на Даниел Николовски во нашата продавница..