Skip to content

Сум почувствувала неправда и сум била во ситуација каде што сум требала да ја докажувам својата вредност – Интервју со Дина Дума

Дина Дума е успешна режисерка која особено беше во фокус на вниманието последниве неколку месеци. Нејзиниот филм „Сестри“ се здоби со многубројни интернационални признанија, меѓу кои и престижната Специјална награда од жирито во програмата „Источно од Западот“ на престижниот филмски фестивал во Карлови Вари, Република Чешка.
Дина преку својата режисерска улога ги истражува односите помеѓу адолесцентите и врсничкото насилство. Градејќи ги двете главни улоги Маја и Јана, таа ги начнува односите помеѓу жените од сите возрасти. 

По повод нашата мартовска кампања за жените – творци Одек на творечката енергија! поразговаравме со Дина токму за тие женски односи, како и позицијата на жените во филмската индутрија.

Дали во текот на твојата кариера си се соочила со ситуација каде ти било потребно повеќе време и енергија за да ја докажеш твојата вредност како режисерка, или големината на твојата идеја, во однос на машка личност на иста позиција?

За жал, Македонија сè уште е патријархално општество. Мислам дека овој проблем кој го посочувате не е само проблем во филмската индустрија, туку во сите сфери на нашето општество. Во нашата земја жените не се присутни во јавната сфера на општеството, немаат свој простор и за жал борбата за рамноправност не е завршена. Сум ја почувствувала оваа неправда и сум била во ситуација каде што сум требала да ја докажувам својата вредност.

Твојот прв долгометражен филм „Сестри“’ се осврнува на односот помеѓу жените и нивното ривалство, но и поддршка од најрани години. Колку од тоа секојдневно чувствуваш во својот живот?

„Сестри“ е инспириран од вистински настани, но секако и од вистински ликови кои биле дел од моето секојдневие во моите тинејџерски денови. Сметам дека секоја тинејџерка имала другарка како Јана. Кога сме повозрасни полесно проценуваме кои релации се токсични за нас, а кои се вредни за развивање. Токму оваа фаза на тинејџерство е моментот кога созреваме како личности и учиме како да се справиме со токсичните релации.

Дали сметаш дека има различен пристап на творечкото дело во зависност од тоа дали го има изработено маж или жена? 

Сметам дека нема, кога гледаме добар филм никогаш не мислиме дали е направен од жена или од маж.

Koja жена-творец во твојот живот претставува клучна фигура којашто можеби го сменила правецот во кој си одлучила да се развиваш? 

 Andrea Arnold, Lena Dunham, Eliza Hittman, Phoebe Waller – Bridge.

Во последниве неколку години забележуваме поголемо застапување и препознавање на жените во филмската индустрија, и на светско ниво и кај нас. Како ти гледаш на овој тренд кој го стимулира женското учество во индустријата и каде лоцираш дека има сеуште место за работа?

Има тенденција да се прикаже дека жените се еднакво застапени во филмската индустрија на светско ниво, но апсолутно не е така. Лесно е да се направи илузија дека е различно, со прикажување на изолирани случаи, но треба да се погледне статистиката, а таа кажува дека нема родов баланс во филмската индустрија, соодносот е 20 со 80%, а за жал овој сооднос кај нас е уште поекстремен. 

Промените во едно вакво младо општество како нашето не се случуваат брзо. Со самото тоа што Агенцијата за филм финансира филмови од женски авторки чувствуваме дека работите почнуваат да се менуваат.

Твои планови за иднина? Следен филмски проект? 

Моментално развивам нов филмски проект на програмата Резиденција на Канскиот фестивал со работен наслов „Скејтбордингот не е за девојчиња“.

Може ќе ти се допадне…