Skip to content

Се случувало да се разбудам од сон за да запишам некои мисли, претежно стихови…-разговор со Игор Лозаноски

Ни беше чест да се запознаеме со Игор Лозаноски, кој е млад, талентиран, инспиративен писател кој оваа година ја објави својата четврта книга. По професија економист со желба за пишување кој ја црпи својата инспирација од секојдневието. Прочитајте го интервјуто кое ви го подготвивме и запознајте се одблизу со овој млад човек кој е вистинско освежување во македонската  литературна дејност.

OS: Кој е Игор Лозаноски?

IL: Игор Лозаноски е обичен човек на 31 година кој сака да се дружи, да забавува и да ги насмее другите.

OS: Кога за прв пат до тебе допре идејата да станеш писател?

IL: Во средношколските денови. Тогаш веќе пишував поезија и имав објавено по некоја песна во училишниот весник „Орце Инфо“. Имаше добри реакции од страна на соучениците и веројатно тоа беше дополнителен мотив за да размислувам во таа насока. Сето тоа беше потсвесно, ставено на стенд бај, како хоби, како нешто второстепено. Приказната започна во 2017 година кога имаше конкурс на „Македоника“ и кога јас пратив збирка поезија. Неколку месеци подоцна истата ја ис-печатив и тоа е првата официјална книга.

OS: Колку време ти е потребно да напишеш книга и колку книги досега имаш напишано?

IL: Зависи од инспирацијата. За подолги книги (на пример романи) секако е потребно повеќе време. Некогаш може да трае и година, па и повеќе. Досега немам објавено роман, но се работи на тоа. Многу зависи и од тоа колку сте дисциплинирани и полни со елан да направите некои ра-боти. Има моменти кога ќе ве фати мрза, па процесот се одолговлекува. Или пак, имате креатив-на блокада па само седите пред лаптопот и не можете да напишете еден единствен збор. Секоја книга е приказна за себе. Некои книги сум ги напишал за еден месец, иако идејата претходно тлеела некое време. Така е на пример со книгата ,,Исповед на еден телевизор’’. Јас веќе имав некои нацрти и идеи за раскази инспирирани од ова зло што нѐ погоди, но никако не наоѓав време да седнам и да почнам. Кога прочитав дека има конкурс за дебитантска проза, седнав и почнав да ги пишувам идеите, бркајќи го рокот. Тоа беше предизвикувачко искуство. Најтешкиот дел ми е да започнам. За многу идеи се предомислувам дали да ги запишам или не. Дали вредат или не. Понекогаш и времето игра улога во сето тоа. Некои работи едноставно не се созреани за да бидат објавени. Досега имам напишано и објаввено 4 книги.

OS: Како изгледа процесот на објавување на една книга? И колку време ти беше потребно да се охрабриш да објавиш некоја своја книга?

IL: Тоа е нешто што одзема време, но и создава неизвесност. Ја носите книгата до издавачка куќа или до печатница да ви ја отпечатат. Потоа треба лектор да ја прегледа, издавачката куќа да пре-познае некаков потенцијал во неа (дали ќе им се допадне идејата и концептот, или ќе најдат економска оправданост во сето тоа) и да се нафати да застане позади вас. Првата книга ја отпеча-тив во печатница во Битола и потоа имав проблеми со дистрибуцијата низ книжарниците. Само една книжарница се нафати да ја стави на своите полици и тоа повнатре. Најчесто книжарниците бараат книги кои ќе се продаваат. За жал, со поезијата тоа е поредок случај.

OS: Како изгледа твојот ритуал додека твориш?

IL: Најчесто седнат пред лаптопот, кафето до мене и пенкало во десната рака. Се случувало да се разбудам од сон за да запишам некои мисли, претежно стихови, во тефтерот што ми стои веднаш до мене. Ако веднаш не ги запишам, до утрото ќе испарат. Немам омилен дел од денот кога творам, иако најмногу идеи ми доаѓаат кога треба или да тргнам негде или пред да си легнам.

OS: Од каде ги црпиш информациите или идеите за твоите книги?

IL: Најчесто од секојдневието. Од кафулето во кое седам, од актуелните случувања, од некои мои размисли и погледи кон животот, од статии кои ги имам прочитано па ја преработувам нивната со-држина и слично.  Исто така има книги кои ме тераат на размислување и ми даваат идеи.

OS: Што сакаш да правиш кога не пишуваш?

IL: Да пијам кафе, да слушам музика и да играм игрици на компјутер.

OS: Што мислат твоите најблиски за твоето пишување? Имаш ли поддршка?

IL: Имам подршка, иако генерално сметаат дека тоа е непродуктивна професија. Најчесто им се допаѓаат работите што ги пишувам. Имаа по некоја забелешка заради изборот на имиња, во некои од расказите се препознаа…

OS: Кое е најизненадувачкото нешто што си го научил за време на креирање на твоите книги?

IL: Машината наречена мозок. Најизненадувачки е колку многу идеи ви текнуваат додека работите на некој проект кои не се поврзани со тој проект и без да сакате отворате нов проект. Се случувало да пишувам нешто и да ми изгледа супер, па наредниот ден кога ќе го прочитам голем дел да тре-ба да го преработам. Обично сакам да го „фатам моментот“ и тоа што ќе ми текне во моментот го запишувам во најсирова форма без да размислувам. Подоцна се навраќам и го анализирам, доте-рувам итн. Интересна работа е што многу идеи не ви доаѓаат кога официјално сте посветени на пи-шување. Многу песни настанале додека сум се туширал, сум се возел во автобус, сум чекал луѓе во кафуле… Исто така, се имам изненадено колку брзо можам да напишам книга кога имам крајни рокови (се работи за конкурсот што пртетхдоно го споменав).

OS: Дали знаеш што мислат твоите читатели за твоите книги? Кои се нивните впечатоци?

IL: Мислењата се поделени. Им се допаѓаат одредени делови кога се работи за поезијата. За првата збирка раскази досега имам добиено позитивни коментари, па дури и нивно толкување на некои раскази, што во принцип ме радува. Во уметноста нема точно или погрешно. Убаво е кога секој ги доживува работите на свој начин.

OS: Што мислиш, која е формулата за добра приказна?

IL: Да имате добра идеја и да пренесете порака.

OS: Како дете, што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш?

IL: Многу професии. Сакав да бидам музичар, па новинар, па хемичар, па писател…

OS: Дали имаш навика да си ги препрочитуваш своите книги и дали ти се случува да добиеш желба нешто да промениш?

IL: Да, некогаш знам да се навратам на своите книги. Од одредена дистанца ми се случува и да сакам нешто да променам затоа што веќе слегнале нештата и кај мене се сменил и начинот на раз-мислување. Инаку да, секогаш може подобро.

OS: Кои ти се омилени автори и дали можеш да издвоиш пет омилени дела?

IS: Харуки Мураками, Гијом Мисо, Агата Кристи, Толстој…

,,1Q84’’, ,,Убиството на командантот’’, ,,Затоа што те љубам’’, ,,Ана Каренина’’, ,,Мртво тело во библиотеката.’’

Можеби ќе ви се допадне…