OS: Од кога почна твојата љубов за растенија? И при тоа за отворање на мал бизнис кој се бави со нив?
Мојата љубов кон растенијата пoстојано расте уште од најрана возраст, уште од кога на маалските клупи со сѐ уште блиски другарки игравме цвеќарки и преку изложување на паднати гранки, листови и цветови “продававме” режени цвеќиња. Како дете кое растело со шумарски инженер животна желба ми беше кога ќе пораснам да бидам цвеќарка :))
Инспирацијата од флората, одржливоста, целиот концепт на циркуларна економија, светскиот проблем со загадувањето и потребата за делување во корелација со животната средина, фактот дека луѓето голем дел од времето поминуваат во затворен простор и потребата за внесување на дел од природата во ентериерот се главните движечки фактори за формирање на Indoor Garden, па така желбата да станам цвеќарка поддржана од сите мои драги и блиски личности стана реалност.
OS: Можеш ли да ни го опишеш процесот од самиот почеток, засадување, одгледување и дистрибуирање на едно растение од палетата на Indoorgarden.mk?
SP: За да се создаде една градина пред сѐ е потребен уникатниот сад кој е рачно производство и значаен дел од брендот Indoor Garden, така што сѐ почнува од таму, од производството на одржливи садови за растенија. Зад Indoor Garden се наоѓа тим од ентузијасти, чија цел е да ја внесат оваа зелена уметност во животот на луѓето. Флората, сама по себе, со нејзината природна убавина го истакнува карактерот на секој ентериер, а малите градини како украсен елемент во дизајнот на ентериерот, денес доживуваат вистинска ренесанса. Тие можат во целост да го променат ентериерот претворајќи го во инспирирачки и енергичен простор. Помагаат во изразување на стилот и карактерот на сопствениците, а истовремено овозможуваат доближување на природата до себе и најдоброто од неа.
OS: Како дојде до идејата за бетонски мали саксии?
SP: Декоративните градини за ентериер на Indoor Garden како уникатна зелена уметност го негуваат концептот на одржливост, преку употреба на природни ресурси во процесот на производство на градините и примена на циркуларна економија. Како што веќе споменав, идејата за садовите и за сите колекции на Indoor Garden најмногу потекнува од уметноста на флората, зелениот стил на живеење и одржливоста.
OS: Како ги бираш типовите на растенија кои што ги одгледуваш и продаваш?
SP: Освен, естетско уживање и разубавување на просторот, малите градини овозможуваат да се уживаат придобивките од растенијата преку ефикасното филтрирање на воздухот, а истовремено помагаат во опуштање и фокусирање, што доведува до зголемена продуктивност, креативност, генерирање на идеи и подобрување на квалитетот на животот.
Растенијата се одбрани согласно преференците на нашите најчести клиенти, а тоа е да бидат лесни за одржување и негување.
OS: Зошто оваа продавница за растенија е различна од другите?
SP: Нешто што особено се истакнува во однос на Indoor Garden е токму сопственото производство и целта кон примена на одржливоста во целиот процес на работењето. Посебноста се изразува во сите колекции и садови за растенија кои ги имаме.
Особено ни е драга нашата прва колекција – бетонски градини, аранжирани во уникатни садови од природни материјали и бетон кои му даваат посебен шарм на просторот. Садовите за растенија кои се дел од оваа колекција се исклучително лесни, издржливи и долготрајни.


Следната колекција е плод на силната желба за делување во корелација со животната средина и создавањето на еко бетонски градини. Овие композиции се аранжирани во уникатни, еко садови кои се одржливи и пријатели на природата. Садовите се рачно изработени од специјална мешавина на ситни гранули од рециклирана пластика, природни материјали и бетон, а со финансиска поддршка од Фонд за иновации и технолошки развој – ФИТР.
Како трета среќа е колекцијата – еко зелени градини кои се во фаза на развој, а се всушност одржливи декоративни градини аранжирани во уникатни, рачно изработени садови од рециклирана пластика. Садовите ќе бидат изработени со примена на циркуларната економија и употреба на отпадот како ресурс во процесот на производство, повторно со финансиска поддршка од ФИТР.
OS: Дали има потреба растенијата да се презасадат од постоечката саксија или истите се со стандардна големина?
SP: Пожелно е секоја пролет растенијата да се пресадат. Тоа може да се направи во постоечката саксија со третирање на кореновиот систем (секако зависно од видот на растението), дополнување или целосна промена на супстрактот и поставување соодветна дренажа. Се разбира, истите растенија може да се засадат и во друга саксија зависно од желбата на сопственикот.
OS: Раскажи ни нешто повеќе за мини зен градините и како се користат?
SP: Kласичните Зен градини се создадени во храмовите на Зен будизмот во Кјотo. Тие се наменети да ја имитираат природата и служат како помош за медитација.
Цртањето на бранови во песокот се практикува за подобрување на концентрацијата и смирување на умот. Варијациите на линиите во песокот се креативен и инспиративен предизвик.
Инспирацијата за Мини Зен градините на Indoor Garden во комбинација со растенија кои според истражувања на НАСА најдобро го прочистуваат воздухот во затворени простории потекнува токму од Класичните Зен градини.
Погледнете ги градините на INDOOR GARDEN во нашата продавница