Погледнете го Инстаграм профилот на Ирма Башеска Ристовска и веднаш ќе сфатите зошто нејзините фотографии се наша опсесија периодов. Нема да должиме многу, би кажале само: Ирма, продолжи да го истражуваш светот, прекрасно е да се види истиот низ твоите мистериозни фотографии!
Ирма, бевме фасцинирани од палетата на бои во твоите фотографии. Забележавме дека има некоја готска и мистична нишка во сите нив, како те привлече тој колорит?
Изборот на бои кај моите фотографии е речиси секогаш резултат на експериментирање, некогаш и со часови, сè додека не дојдам до она што најдобро ја отсликува мојата внатрешна состојба во моментот кога сум ја направила фотографијата, како и она што најдобро ја потенцира атмосферата. Честопати тргнувам со една идеја, но при обработка на фотографиите, инстинктот и мојата моментална состојба може да ме доведе до сосема поинаков резултат, што сметам дека е поискрен одраз на тоа што го чувствувам наспроти претходно скроен план.
Во таа смисла, целата ситуација во светот последниве две години и влијанието што овие промени ги имаа врз моите мисли и емоции, дефинитивно излегува на виделина низ последните фотографии. Па така, би рекла дека ова се боите на моето чувство на изгубеност, мојата потреба од сонување и фантазирање, горката беспомошнот, преплетените надеж и безнадежност…
Како започна твојата љубов кон фотографијата?
Започна како нерационален страв од заборавање. Почнав (многу несериозно) да фотографирам на 16-17 годишна возраст, додека учев во странство. Моите ми купија некој стар модел на „Фуџицу“, што го носев секаде со мене за да ги забележам забавните и убавите моменти. Но, премногу неодговорно си ја вршев работата, па дома се вратив со малку фотографии. Ниту квалитетот не беше задоволителен. Веќе година дена подоцна почнав да чувстувавм каење и страв дека го заборавам тој период поминат во странство и се „заколнав“ дека од тој момент натаму, ќе фотографирам сè што гледам пред себе. Постепено, од опсесија прерасна во љубов. Повеќе не беше толку важно да го фотографирам секое камче додека патувам, туку и како го сликам тоа камче. А сега веќе ми е важно и да имам што да кажам преку фотографијата од тоа камче.
Во минатото постоеле само мажи фотографи, кога мислиш дека се случил пресвртот за жените да почнат да се бават со фотографија и каква е ситуацијата денес?
Жените се занимаваат со фотографија уште од почетокот на 19-тиот век и имиња како Сара Ен Брајт, Констанс Фокс Телбот и Џулија Маргарет Камерон се вбројуваат помеѓу првите што започнуваат да ја креираат историјата на жената во светот на фотографијата (позади камерата). Постои и цела тивка генерација на фоторепортерки што се сè уште занемарени, особено оние што ја започнале својата кариера во ерата на аналогната фотографија.
Иако во последно време се прават видливи напори на овие имиња да им се даде заслуженото внимание, не сум сигурна дека сме дојдени до вистинска точка на родова еднаквост на ова поле и не мислам дека ситуацијата е многу поразлична од онаа во другите индустрии.
Фотографскиот 21-ви век изобилува со женски имиња, како Ени Лебовиц, Нан Голдин, Вивиен Сасен, Софи Кале, Лаура Агилар, и несомнено, тие претставуваат инспирација и мотивација за секоја амбициозна жена што се занимава со фотографија. Но, би била среќна да видам дека бројот на фотографки во светот продолжува да расте заедно со нивната храброст, самодоверба и вреднување на својата работа и труд, за еден ден во иднина, да не мора повеќе да зборуваме на темата „сексизам“ и „нееднаквост“.
MOTHER Collection
Дали сметаш дека сензибилитетот на фотографијата од маж или жена е различен или нема разлика?
Искрено, не, воопшто. Иако постои она верување дека можеби жената има поемотивен, понежен и посочувствителен пристап кон одреден субјект и пренесување на одредена приказна или порака, секојдневно гледам примери како тоа непишано правило се поништува. Одбивам да прифатам дека нежноста и емотивноста им се непознати на мажите, особено оние кои се занимаваат со уметност. Или пак дека жена не може да долови моќни кадри и да создава во екстремно опасни средини. Кога станува збор за уметничко изразување, вклучително и фотографија, искрено верувам дека родот, полот и сексуалната определба не играат апсолутно никаква улога.
Дали сметаш дека фотографијата, покрај сите други работи кои што ги работиш, ти овозможила да се поврзеш со твоето женско – творечко битие?
Не би рекла дека ги гледам нештата на тој начин, барем не за себе лично. Во последните неколку години, фотографијата дефинитивно разбуди еден креативец во мене што долго време спиеше под покривката на безбедноста, активното секојдневие, патувањата и работата. И сега согледувам дека постои голема разлика помеѓу Ирма денес и Ирма од пред 3 години. Но, не би му препишала никаков род на моето творечко битие, просто не размислувам низ таа призма.
Кои жени – творци (наши и странски) ти се role-model?
Листата на фотографки на кои им се восхитувам е неверојатно долга и за секое пропуштено име ќе се чувствувам виновно. Јунгџин Ли, Микико Хара, Ана Хулиа Гоби, Паола Френки, Катја Џексон, Ана Обст, Дора Келеман, Абигејл Роуз Кинг, Шиао Јанг, Лилика Стрезоска, Елена Фиданска, Билјана Јуруковски се само дел од нив.
Дали сметаш дека амбиентот во домот влијае на креативноста на луѓето? Како тебе ти влијае амбиентот?
Секако дека влијае. Тоа особено почнав да го чувствувам во последно време. Пред да нè затвори пандемијата дома, можам слободно да речам дека најголем дел од времето бев излезена надвор и активна, а исто така работев и во канцеларија, па не посветував многу внимание на како ми изгледа домот и мебелот. Но сега, после веќе две години работење целосно од дома и поминување многу подолги часови во една-две простории, забележав дека е многу важен амбиентот во кој работам, пишувам, еидитирам… Природни материјали, зеленило, светлина, сите овие елементи можат да играат голема улога во менталната стимулација на секој креативец. Па затоа сега започнувам сериозно да размислувам како да го подобрам своето опкружување и да инвестирам во нешто што на долгорочен план ќе има позитивно влијание врз мојата ментална и креативна состојба.