Skip to content

„Преточувањето на сопствените емоции во зборови е клучен момент од мојот развој, кој ми помогна да стапам во контакт со самата себе, а со тоа да ги разберам подобро и другите.“ – Деница Чадиковска

Деница ја знаеме како активна и инспиративна жена, за која слободно можеме да кажеме дека е одличен „role model“ за сите жени, особено за помладите девојки. Нејзинината креативна, автентична енергија може да ја почувствувате уште во првиот разговор, a нејзините одговори во ова интервју се уште едно потврдување на тоа. Уживајте!

 

Деница, ти си „multitasking“ жена, водиш твој бизнис за цвеќиња Zelena.sk, а во исто времено работиш како новинарка на многу предизвикувачки теми, што е тоа што те движи низ обврските?

Многу ми е важно тоа што го работам да ме исполнува и да ме прави среќна. Ако тие две работи ги имам, тогаш сè е полесно бидејќи постои мотивација. На моменти знае да биде исцрпувачко, затоа што се две сосема различни работи. Но, двете имаат нешто што ми е важно да го имам во секојдневието.

Зелена е мојот начин да внесам позитива во денот, да ја изразам креативноста и да ги мотивирам луѓето да чуваат растенија, затоа што тие влијаат позитивно на менталното здравје. Како новинар во ИРЛ главниот двигател ми е желбата за подобро утре и вербата дека она што го работиме може да придонесе еден ден да имаме поправедно општество. Иако менаџирањето на времето знае да биде предизвик проследен со повремени burn-outs, задоволството од работата е тоа што преовладува и ми дава мотив за следниот ден.

Дали како жена – сопственичка на компанија настојуваш да ангажираш и вклучиш повеќе жени или пак и жените и мажите земаат подеднакво учество?

Вработените во Зелена се доминантно жени и секако дека ми е многу драго и тежнеам кон соработка со жени, но при изборот на соработници секогаш клучни ми се компетенциите кои ги поседува личноста, како и желбата за работа. Од основањето на Зелена имаме остварено голем број на соработки со други брендови, водени од жени кои ме воодушевуваат со трудот кој го вложуваат, како и храброста која ја имале да започнат свој бизнис.

Во твоето најблиско опкружување имаш жени-творци коишто работат на интересни проекти. На кој начин ти си им ветер го грб и ја поддржуваш нивната работа, дали сметаш дека е тоа важно?

Факт е дека дискриминацијата кон жените е најизразена на работните места, па морам да признаам дека пред да почнам да работам, не ја чувствував до таа мера. Затоа им се воодушевувам на жените кои им пркосат на дуплите стандарди и се истакнуваат во нивната сфера, а во последните неколку години приметувам и сè поголема иницијатива од страна на жени за започнување свои бизниси.

Културата на поддржување на други жени ми е вкоренета уште од почетоците на моето работење во ИРЛ, која е организација во која жените доминираат на раководните позиции. Пробувам тоа да го пренесам и во Зелена преку соработка и поддршка на други жени кои се соочуваат со истите предизвици, затоа што успехот на една жена, е успех на сите жени.

Mother collection

Како ја замислуваш блиската иднина на жените-творци во нашата земја?

Судејќи според моменталната ситуација, верувам дека иднината за жените-творци во нашата земја е светла. Секоја година има сè повеќе жени кои се истакнуваат во сферата во која работат и творат. Освен тоа, сè поотворено се зборува за присуството на патријархалноста, шовинизмот и мизогинијата во нашето општество. Важно е да зборуваме јавно на овие теми, затоа што игноранцијата кон општествените проблеми само го продлабочува проблемот.

Во кој дел од твојот развој сметаш дека си остварила најголемо поврзување или откривање на твоето женско, творечко битие?

Додека студирав психологија, сметам дека го постигнав најголемиот напредок во поглед на себеспознавањето. Студиите беа едно просветлувачко, понекогаш и мачно патешествие. По еден од предметите имавме задача да водиме дневник една година и да комплетираме триесеттина вежби за среќа и личен развој. Целиот овој процес беше проследен со групна психотерапија помеѓу колегите и професорот. Целта беше да се запознаеме самите себе и да се оствариме како личности, за во иднина да можеме да им помогнеме на другите. Мислам дека секоја активност таа година, особено водењето дневник и преточувањето на сопствените емоции во зборови е клучен момент од мојот развој, кој ми помогна да стапам во контакт со самата себе, а со тоа да ги разберам подобро и другите.

Кои жени-творци од историјата (светска и наша) ти се „role model“?

Во светската и нашата историја има бројни жени кои имале врвни достигнувања важни за човештвото и за женскиот род, но сепак најголемата инспирација во животот сум ја црпела од жените во моето поблиско опкружување. Жените во мојата фамилија, другарките, колешките, мојата менторка, а откако почна приказната на Зелена и сите жени со кои соработувам. Силни, храбри, вредни и бескомпромисни жени на кои им се воодушевувам и ме мотивираат секогаш да бидам подобра, посилна и поуспешна.

Може ќе ти се допадне...