Ирина Тошева е македонска модна дизајнерка која оваа година ја бележи 10 годишнината од нејзиното модно атеље. Таа е секогаш инспиративна не само за модните дизајнери, туку и за сите креативци. Ирина секогаш се труди и успева да пронајде подлабока смисла за сите нејзини колекции. Таквиот став, денес е препознаен од клиентите, институциите и многу други.
На почетокот на ова лето ја претстави твојата колекција ,,Оуа’’ на платото пред ,,Вила Водно’’, која е инспирирана од облеката на Јуруцита. Како се поврзаа сите овие аспекти во еден толку интересен проект?
Јуруците неколкупати сум ги забележала и од далеку восхитувала на облеката и деталите. Ми биле интересни, а недоволно познати. Кога почнав да истражувам ми беше предизвик затоа што морав да одам на „старомоден“ начин, со посета на библиотеки и институти, теренско истражување по села, наместо дома покрај компјутер. Голем дел од луѓето, особено од Скопје, не се запознаени со оваа заедница, па сакав да направам нешто што ќе остане трајно. Така се роди идејата и за снимање документарно видео, покрај колекцијата.
„Латици“ ги прикажува разговорите на неколку различни генерации од село Аликоч и проф д-р Владимир Јаневски фоклорист, околу нивната карактеристична и шаренолика облека. За неколку месеци ќе има нова модна приказна за раскажување, но документарното видео со секое гледање, кога и каде да биде прикажано, ќе заинтригира и едуцира некого.
Целиот процес беше многу интересен и долг, бараше добра организација и многу логистка. Запознав прекрасни луѓе и култура, поврзав и соработував со врвни професионалци од различни области и искрено се надевам дека целиот проект ќе остане како траен културен белег.
Годинава претставуваат 10 години од отворањето на твоето модно ателје, кои се 3 најважни работи кои што ги имаш научено како искуство и сакаш да им ги пренесеш на младите дизајнери?
Биди дисциплиниран/а во работата- често на креативците/уметниците кај нас ова е делот кој им недостасува. Кога сам си го темпираш времето и обврските најдобро е да го правиш тоа во времето кога си најпродуктивен, да не одолговлекуваш затоа што нешто не е итно и некогаш да одолееш на доцните дружби со пријателите ако следниот ден имаш важни обврски. Но, и да не заборавиш да се „наградиш“ и убаво одмориш потоа.
Биди конзистентен/а– бренд не се раѓа прекуноќ, бренд се гради и создава со време. Треба мотивираност, упорност и многу љубов. Со тек на време, луѓето го препознаваат и ценат тоа. Многу е убаво чувството кога работата зборува за тебе и веќе нема потреба да се претставуваш.
Биди реален/на – Препознај си ги слабостите, работи на нив и не се плаши да прашаш некој кој е експерт во тоа да ти помогне, како да го подобриш и зајакнеш. Никој учен не се родил.
Кој е твојот пристап кон твоите потенцијални клиенти? Ревија, Инстаграм, Магазини, пријател,… Или имаш твој уникатен пристап. Дали сметаш дека треба да си присутна во некоја продавница за да клиентите стигнат до тебе?
Пристапот се менува со годините. На почетоците беа ревии- редовно учество на Моден викенд Скопје, претставувања во регионот, нова колекција секоја сезона. По седум години се почувствував заситена од ова темпо, се случи и пандемијата, па се промени и приказната. Последните три години подготвувам по една колекција годишно, презентацијата е преку модни видеа и едиторијали на социјални мрежи, но приказните се пообемни, навлегувам длабоко во одредени теми, тимот е поголем, соработувам со разни занаетчии и ракотворци и имам многу повеќе рачни изработки и доработки во моделите.
За клиентите сметам дека е важно дизајнерот да е лесно „дофатлив“ – достапна сум на сите социјални мрежи, моите контакти се јавно објавени и на веб страната, цените се транспарентно и јавно прикажани на онлајн продавницата уште од 2015 година, има и можност секој онлајн да си закаже термин и посети во ателје само со неколку кликови. Нема цена-инбокс пристап и не враќање на пораки, колку и да сум зафатена.
Mother collection
Во твоите колекции често или секогаш опфаќаш некои теми за одржливост, колку сметаш дека тоа влијае на крајниот купувач?
Одржливоста е во сржта на мојата работа. Со набавка на еколошки материјали и сертифицирани ткаенини, преку соработка со жени кои се соочуваат со бариери за вработување, од занаетчии до шивачки со фер исплата, одржувајќи низок отпечаток на животната средина. Производството се прави по нарачка, намалувајќи го отпадот на брендот и осигурувајќи се дека секое парче е уникатно. Се трудам и да придонесам кон циркуларната економија во земјата, со работа на новата подетикета Мини Ирина Тошева, која официјално почнува со продажба на есен. Како дел од Fashion Revolution Macedonia ги поттикнувам и едуцирам граѓаните да користат помалку и поквалитетна облека подолго. Работам и со претставници на текстилната индустрија и модниот сектор, зборувајќи гласно за проблемите, како може да се променат и да водиме сите заедно со добри примери. Купувачите препознаваат и ценат, понекогаш и прашуваат и советуваат на дополнително на темата.
Избери еден дизајн (модел) од твојата колекција кој што ти е најдраг.
Секој модел си има некоја посебност; приказна, анегдота па и некоја ситна нервоза во процесот на создавање.
Седев јакната ми беше прва на ум и предизвик да ја изработиме. Цветот да не е тежок, да стои исправено без милион копчиња, како патентот соодветно да се скрие…
Селеме јакната ми беше уживање додека го доработував рачно машинскиот вез. Учев и пробував нови техники, додека во позадина одеа омилените серии.
Дујгу фустанот имаше цела авантура во создавањето- додека да се најде соодветен 100% памучен конец во замислената боја, па изведбата на плетката која е во вид на цветови, доработката со еко-мониста и правењето на соодветниот крој.
Дали кога дизајнираш размислуваш за како ти би го носела твојот дизајн или дизајнираш за конкретна жена муза, или можеби секогаш размислуваш на различно тело и девојка? Колку инклузијата на различните тела е важна за твоите дизајни?
Модата ја создавам за сите. Секоја колекција има кроеви кои може да се адаптираат на најразлично тело. Тоа е и убавината на шиење по мерка.
Уште во 2018та на Моден викенд ги обединив различностите во модна ревија во која беа вклучени маргинализираните лица по различни основи. Продефилираа девојки кои грабат со смел чекор, како на сцената така и во животот. Воздишките и поддршката од публиката растеа со секој излезен нов модел на сцена, покажувајќи дека уште од тогаш бевме подготвени за модна (р)еволуција, самоприфаќање и слобода.