Skip to content

Најверојатно моето прво сеќавање од шапките е кога баба ми ми дозволуваше да чепкам во нејзиниот плакар – Разговор со модната дизајнерка Мирјана Јосифоска

Мирјана Јосифоска е модна дизајнерка во подем, која што се идзвојува со нејзиниот стил, заради тоа што дизајнира капи. Сигурни сме дека Мирјана ќе истражува во многу различни полиња, но оваа последна колекција особено нè фасцинираше. 

Во месец јуни ја презентираше твојата колекција на капи на настанот Discover Who’s Next / Graduation Fashion Show каде главниот фокус беше на студентите од повеќе факултети за моден дизајн од целата земја. Кажи ни нешто повеќе за колекцијата?

Да, на 25-ти јуни учествував на групна ревија како алумни студент на Академијата за моден дизајн „Скала Школа – Џолев и уметностите“ со нова колекција на шапки и модни додатоци – „Lavender Fields”. Пред одреден период прочитав и открив повеќе за полињата со лаванда кои се наоѓаат во Тиквешкиот регион од земјава и токму тоа беше инспирацијата за колекцијата. Таа вклучува шапки, марами и додатоци за коса кои ќе бидат достапни за продажба од средината на јули. Како дизајнерка, се стремам сите производи да бидат изработени од материјали од природно потекло. Овој пат производите се изработени од 100%: свила, памук, лен и вискоза. Со цел поврзување и поддршка на агрикултурата во Македонија, добивме дозвола нашата кампања да ја сликаме во поле со лаванда во Тиквешијата.

Ова не е прва твоја колекција на капи, како дојде до твојата привлечност кон капите и дали ти лично ги носиш? 

Да, уште од малечка носам шапки и капи. Најверојатно моето прво сеќавање од шапките е кога баба ми ми дозволуваше да чепкам во нејзиниот плакар, и јас ја облекував нејзината облека и правев аутфити со шапките, марамите и накитот. Поради тоа, имам доста шапки наследено од баба ми и мајка ми. Подоцна, во моите тинејџерски години бев опседната со баретките. 

Како реши да се занимаваш со моден дизајн? Кои биле дизајнерите кои те инспирирале на почетокот на твоите студии, а кои се сега? Дали чувствуваш дека инспирацијата се менува низ времето
или останува иста? 

Колку и да звучи клише, мојата прва љубов и поврзаност со модата беше цртањето. Уште од малечка бев опседната со женското тело, особено балерините. Поради тоа, на сите страници од тетратките и книгите од школо, цртав женски тела и балерини. Како дете кое беше посрамежливо, модата беше јазикот кој можев најлесно да го разберам. Секогаш кога излегував надвор, потсвесно анализирав што носат другите луѓе. Како боите, текстурите, материјалите и модните додатоци одговараат меѓу себе.

Дизајнери кои ме инспирираа на почетокот на мои студии беа: Кристобал Баленсијага, Мартин Марџела, Хусеин Чалајан, Џон Галијано за Диор и Александар Меквин. Дизајнери кои ме инспирираат денес се: Том Форд за Гучи, Пјерпаоло Пичиоли за Валентино, Мери-Кејт и Ешли Олсен за The Row и Фиби Фило за Селин, но исто така и руските конструктивисти.

Мислам дека инсирацијата останува иста, но начинот на кој ја интерпретираме се менува во зависност од нашето искуство и зрелост. 

Mother collection

Што мислиш за модата и дизајнот во нашата земја? Дали сметаш дека има пазар кај нас за дизајнерска облека или треба сеуште време за луѓето да се едуцираат на ова поле? 

Во последните неколку години се создава посериозна модна сцена во нашата држава, за што ми е особено драго. Мислам дека постои пазар за дизајнерска облека, можеби не голем, но сепак постои. Сметам дека одговорност имаат двете страни – и производителите (дизајнерите) и купувачите. Дизајнерите треба да се стремат што повеќе да ги индустријализираат своите производи, додека купувачите треба да се едуцираат повеќе за облеката што ја купуваат. Само на овој начин може да изградиме стабилна македонска модна индустрија. 

Избери еден модел капа кој ти најомилен. 

Linda – bucket hat шапка со издолжена стреа, украсена со штепови со конец од свила/ памук. Доаѓа со отстранувачки врвки кои откако ќе се извадат од шапката, може да се спојат и да се носат како марама. Во новата колекција овој модел ќе биде достапен во лаванда и крем нијанса.

Додека студирав психологија, сметам дека го постигнав најголемиот напредок во поглед на себеспознавањето. Студиите беа едно просветлувачко, понекогаш и мачно патешествие. По еден од предметите имавме задача да водиме дневник една година и да комплетираме триесеттина вежби за среќа и личен развој. Целиот овој процес беше проследен со групна психотерапија помеѓу колегите и професорот. Целта беше да се запознаеме самите себе и да се оствариме како личности, за во иднина да можеме да им помогнеме на другите. Мислам дека секоја активност таа година, особено водењето дневник и преточувањето на сопствените емоции во зборови е клучен момент од мојот развој, кој ми помогна да стапам во контакт со самата себе, а со тоа да ги разберам подобро и другите.

 Опиши ни го твојот креативен процес од идеја до реализација. Всушност раскажи ни и за процесот пред твојата идеја. Дали си анализирала како твоите идеи се раѓаат и развиваат и дали имаш креативен ритуал кој што го негуваш?  

Откако ќе одредам идеја, првиот и најважниот чекор е истражувањето на кое посветувам многу внимание. Првично истражувам се што е текстуално за темата. Од сиот текст, извлекувам клучни зборови, реченици и фрази и од нив правам визулено истражување. Од сиот визуелен материјал се обидувам да извлечам првични форми на облеката. Секоја почетна скица на парчето облека почнувам да ја доработувам се додека не стигнам до технички цртеж. Откако ќе го изработам техничкиот цртеж, испробувам варијации на бои и материјали на производот и како тој одговара со друите парчиња облека. Кога ќе го финализирам тоа, цртам финални модни илустрации од аутфитите. После дизајнирањето следува конструкцијата, кај што создавам шаблони според техничките цртежи. Прво шијам еден прототип од муслин со цел да видам како ќе изгледа формата на моделот, а потоа создавам прототип од финалниот материјал на призводот со цел да видам како ќе реагира тој материјал. Ако се е во ред со материјалот, прототипот се праќа во производство.Во однос на тоа како се раѓаат моите идеи, немам креативен ритуал затоа што никогаш до сега не сум можела намерно и свесно да извадам идеја од себе. Меѓутоа, имам анализирано како се раѓаат моите идеи и имам сфатено дека тоа се случува кога веќе работам на некоја друга идеја, кога истражувам, кога се туширам и пред да легнам да спијам. 

Може ќе ти се допадне...