Skip to content

Сакам во домот да се забележува дека живеат луѓе и да се чувствува топлина

Моника Стојановска е креативна млада личност од Скопје која што креира предмети преку нејзиниот бренд Mooki инспирирани од секојдневието. Таа исто така пишува поезија која неодамна беше објавена во двете стихозбирки: ,,Ново раѓање на зборот” и ,,Самодиви” . На нејзиниот инстаграм профил можеме често да забележиме прекрасни, смирени амбиенти на кои се гледа дека таа знае како да ужива во својот дом и секој простор кој што го посетува. 

Како започнува твојот ден во вашиот дом?

Се будам прилично рано и особено се радувам кога ќе се разбудам одморена порано од алармот. Го почнувам утрото во комплетна тишина, си правам кафе и доколку немам обврски гледам додека го пијам да не правам ништо друго. Доколку имам обврски почнувам со нив додека го пијам кафето, бидејќи сум најфокусирана и најпродуктивна наутро.

Која соба ти е омилена?

Најдрага просторија во моментов ми е дневната соба (поврзана со кујната), бидејќи е единствена соба од станот којашто е речиси комплетно средена и изгледа најмногу како што сакам. Останатите соби сè уште не се довршени и за нив имам уште некои планови. Освен тоа, во дневната влегува прекрасна светлина на зајдисонце и добива преубава златно-жолта боја која многу ме смирува.

Колку ти е важно, твојот дом да изгледа на одреден начин и од каде ја црпиш инспирацијата?

За мене домот претставува еден вид жив организам и просторот има потенцијал да биде продолжение на човекот кој живее во него. Собите гледам да ги исполнувам со предмети што навистина ми значат или естетски ме привлекуваат, со растенија кои прават да се чувствувам убаво бидејќи се грижам за нив, и со фотографии и ситни потсетници по ѕидовите кои ме прават среќна. Немам посебен концепт за идеален дом, и не се држам до посебни правила, но сепак најмногу ме привлекува ентериер што изгледа чисто, едноставно и со земјени тонови. Сакам да мешам современо со старо и наоѓам често мебел или декорации на старо. Ми се допаѓа едноставност, но не и стерилност – сакам во домот да се забележува дека живеат луѓе и да се чувствува топлина. Сакам дом кој може да ме прегрне кога ќе ме пречека после тежок ден. Инспирација почнав да црпам најпрво од емисии за дизајн, потоа од Tumblr, од Pinterest, Flickr, од филмови и серии. Ништо не следам слепо, туку едноставно во мене остануваат колажи од тука и таму кои навистина одговараат со мојот сензибилитет.

MOVABLE COLLECTION

Дали просторот дома ти помага во твојата креативна работа или обратно?

И двете работи. Многу често креативната работа ме поттикнува да направам некои промени во домот и ми дава нови идеи. Исто така, просторот, кога изгледа како што сакам и ми ги храни очите – ми овозможува да творам со растеретени мисли и да црпам инспирација токму од него. Всушност, во илустрациите за Моки instagram.com@_moooki често има цртежи со елементи од предмети кои се околу мене во секојдневието.

Во која соба најмногу поминува време Моника?

Најмногу време поминувам во дневната и во работната соба. Гледам да ја одвојам работата од просториите во кои се опуштам, иако некогаш оди тешко, бидејќи атмосферата во дневната навистина најмногу ми одговара, но сепак гледам да се придржувам кон правилото. На крајот, тоа што најмногу ме освои во овој стан беше баш тоа сопче што го претворив во работилница која толку многу ми недостигаше претходно.

Може ќе ти се допадне...