Фотографија: Ерина Богоева
Наталија, сме те гледале во претставата ,,Мојот маж’’ филмот ,,Врба’’ каде главната тематика е позицијата на жените во денешното општество? Дали имаше нешто суштински поврзувачки во овие два проекти?
Она кое може да се каже дека е суштинки поврзувачко во овие два проекта е тоа што жената е прикажана како антихерој или уште поточно дека многу умешно е извадена од архетипот на жена – жртва. Овде ги среќавате жените кои и покрај тоа што се наоѓаат во ситуации каде можат лесно да се претопат во себесожалувачката улога и да ја прифатат позицијата во која општеството или друга индивидуа ги турка, тие сепак решаваат да се послужат со сите “расположливи средства” кои ги поседуваат за да направат сè за да ги остварат своите цели, па макар на крај тоа да заврши фатално или безуспешно, да бидат осудени или исмеани.
Во минатото се има говорено за ривалството помеѓу жените актерки на сцената, дали сметаш дека новите генерации го надминуваат ова прашање?
Не можам да кажам како било во минатото, не сум била таму, она што можам со сигурност да го кажам за ривалството во театарот е дека и мажите подеднакво исто реагираат на конкуренцијата како и жените. Во ова време, во моите театарски или филмски кругови она што јас сакам да го забележувам е поддршката и мотивацијата што ја добивам од другите актерки, сметам дека тоа е од круцијална важност за нас како жени, да станеме обединети наспроти тоа да гледаме една во друга како на закана.
Дали сметаш дека може целосно да се изостави како фактор полот на актерите во драмските претстави и улогите да се играни од припрадници на било кој пол, без разлика на оригиналната замисла на авторот?
Да, сметам дека може и не мислам дека тоа е нешто на кое се гледа како погрешно. Има многу примери низ годините и во институционалниот и во независниот театар каде сум гледала актерки кои сосема достојно портретираат напишани ликови кои припаѓаат на машкиот пол и обратно.
Во кој дел од твојот развој сметаш дека си остварила најголемо поврзување или откривање на твоето женско, творечко битие?
Актерството како професија и растењето со истата е процес на развој – личен и професионален, па така, би рекла дека речиси со секој женски лик кој сум го градела сум откривала други жени во мене. Сепак, има улоги кои многу интензивно се всадиле во мојата психологија и сум заджала нешто што тогаш ми се гледало важно за мојот развој, нешто што ме надополнувало прво како личност а после како жена.
Како идеално треба да ги славиме жените?
Не мислам дека треба да има некој посебен повод за да ја славиме жената или да ја воздигнуваме, жената треба и мора да биде исто присутна во сите сфери во професиите и општеството, каде што се чувствува спремно да дејствува, третманот да биде еднаков, платите, односот и вреднувањето на нејзините трудови и успеси. Дајте и ги овие права и услови на жената и таа веќе ќе се чувстува славена, автономна и рамноправна.
Погледнете ги фотографиите од Ирма Башеска Ристовска во нашата е-продавница…