OS : Кога прв пат се роди идејата да се занимаваш со уметност?
MJ : Уште од најрана возраст обрнував многу внимание на изгледот на сé околу мене и првично работите ги анализирав на визуелен начин. Со самото тоа и тековното развивање на мојата креативност природно се најдов себеси насочен кон уметноста.
OS : Кои се личностите на сликите? Дали се вистински ликови од твојот живот или имагинарни?
MJ : Дел од ликовите во моите дела се имагинарни иако во некои од случаите тие имагинарни ликови се инспирирани од вистински личности, но многу почесто на моите слики директно се претставени икони од поп културата.
OS : Дали освен масло на платно се занимаваш и со други техники?
MJ : Моментално најчесто работам на платно, било тоа со акрил или масло, или пак комбинирано. Но се случува понекогаш и да се навратам на хартија – цртајќи со јаглен, пастели…
OS : Во твоите слики преовладува силна розево црвена боја, од каде доаѓа поривот за користење на оваа боја?
MJ : Таа интензивна розева боја ја доживувам како една интересна, на некој начин театрална, драматична енергија која цели кон убавина и позитивност со недостаток на претенциозност. Романтична е, а воедно и смела.
OS : Дали имаш учествувано на некои изложби и кои?
MJ : Неодамна бев дел од втората изложба на списанието Скала, со наслов Будење. Учествував со делото Шепоти во паркот, односно Whispers in The Park.
OS : Колку време ти е потребно за да насликаш едно дело од идеја до крај на делото?
MJ :
Процесот на секое мое дело е различен. Имам дела на кои сум работел и повеќе од година дена, додека целосниот процес на други траел ден/два. Обично не чекам да завршам една слика за да почнам друга. Секогаш имам повеќе слики кои се во фаза на изработка истовремено, што, претпоставувам, од една страна го успорува тој процес на делата индивидуално, но така функционирам… Обично кога ќе ми дојде некоја идеја преферирам веднаш да ја започнам наместо, на пример, да ја запишам. Notes апликацијата на телефонот ми е преполна со идеи, на кои многу ретко се навраќам.
OS : Во твоето портфолио можеме да забележиме многу портрети, што е тоа што те фасцинира околу ликот како инспирација за творење?
MJ : Самото цртање и сликање на портрети мене ми претставува посебно задоволство. Најверојатно поради тоа што доста од мојата инспирација ја црпам токму од луѓето – нивните карактеристики, нивниот живот и нивните дела.
Може ќе ви се допадне…