Skip to content

Обожавам да сликам реализам, и да дадам емоции врз платното | Спасија Филипова

Македонската уметница Спасија Филипова фасцинира со своите реалистични портрети. Таа слика слики во различни формати каде често се појавуваат женски ликови во свежо розеви нијанси. Ликовите се често со погледот вперени во фокусот на кадарот и со тоа директно прават очен контакт со оној кој ја гледа сликата. Палетата на бои преовладува на бои од розево до крем. Ваквите тонови се смирувачки и пријатни за во домот, работен простор и друго.

OS Која е Спасија?

SF Јас сум 29-годишна девојка која сака се што е необично и комплицирано. Родена сум во Кавадарци и таму го завршив моето основно и средно училиште. Со огромна желба за уметнички студии се запишав на економски факултет во Скопје. Да, на економски факултет, магистрирав, па запишав и втора магистратура, и да, повторно на економски, а желбата за уметност сеуште ја имам. Но не за студирање, туку за сликање, творење и креативност. Моментално работам како Директир на Администрација и HR во IT компанијата Codewell веќе 5 ипол години. Си ја сакам работата, но за мојата прва љубов, уметноста, секогаш наоѓам време. Сакам да работам самостојно на било какви проекти без разлика дали тоа е слика, проект на работа или паста за ручек :), затоа што не сум тимски играч, и секогаш позади мои проекти стојам целосно јас од почеток до крај. Од секогаш сум ја сакала секоја креативна работа, од боенки, колаж, пластелин, па се до сликање на платно и дигитал арт. Она што продолжив да го работам е сликање на платно, и тоа е она кое ме исполнува најмногу. 

OS Кои се ликовите на сликите, дали се тоа лица од твоето секојдневие или твоја имагинација?

SF Обожавам да сликам реализам, и да дадам емоции врз платното. Најчесто сликам реални ликови, во соработка со модел или ако е нарачка од фотографија, а финиширам со мојата фантазија и креативност. Во Мај 2018 година ја направив и мојата прва самостојна изложба во галерија Акантус во Скопје. Таа изложба беше со 16 дела во огромни формати, во соработка со моделот Hedvig Palm од Шведска, со наслов ‘’Everything that’s left are memories”, и приказна која ја делев од длабочината на мојата душа. Секоја слика е со огромни емоции, со остар финиш на недовршена тага и радост која те остава да размислуваш… За мене премногу драги 16 дела од кои 3 ги задржав за себе и се закачени во мојот дом. 

OS Каде сликаш најчесто и што ти помага во инспирацијата?

SF Си го сакам домот и мирот кој го наоѓам таму, атмосвера која сама ја креирам, со музика и свеќи, па најчесто сликам дома. Сакам да поминувам време сама, а тогаш и ми доаѓаат идеите за нова слика. Како инспирација секогаш преовладуваат моите чувства, се додека функционирам во мојата комфортна зона можам да размислувам што да сликам, а моментот кој ќе ме исфрли од тој комфорт ме седнува пред белото платно. Се случувала и таква инспирација каде имам сликано нова слика врз веќе насликано платно, заради тоа што не сум имала ново платно. Но и тоа не е страшно, добивате две слики во едно.

OS Колку трае процесот од почетокот на идеата до крајот на изработката на едно дело,
раскажи ни нешто повеќе за тоа?

SF Процесот за изработка на секоја моја слика е различен. Секоја слика што сум ја сликала била изработена различно од секој аспект. Не седнувам да сликам ако немам инспирација или не сум подготвена, а тоа колку сум инспирирана понатаму го води целиот процес на сликање. Знам да поставам основни линии на платното пред да почнам да ја работам сликата, но некогаш почнувам од една точка и ја ширам сликата кон целото платно. Секогаш е прашање на момент. Сите начини на кои сликам сум ги развила според некои мои замисли и како што кажав моменти во кои се наоѓам, заради тоа што не сум академски сликар, па не одам според одредени чекори во процесот на сликање.

OS Во кој простор мислиш дека најдобро би се вклопиле сликите, дали воопшто го
замислуваш тој дел при сликањето?

SF Моите слики мислам дека би се вклопиле во модерен дизајн на простории, без разлика дали тоа е дом или хотел или некој салон за убавина или ресторан. Мислам и дека целиот стил на сликање ми е некако модерна уметност. Никогаш не размислувам за каков простор ја сликам сликата, се додека не ја завршам, па додека ја гледам може да ја замислам во кој простор идеално би се вклопила.

https://www.instagram.com/p/CEnHrjbMA2b/?utm_source=ig_web_copy_link

https://www.instagram.com/p/CHWUFbjrBAz/?utm_source=ig_web_copy_link

  • Погледнете ги делата на Спасија во нашата е-продавница