Skip to content

25 работи кои можете да ги правите дома кога ви е досадно

Иако со помош на интернетот имаме многу опции да гледаме серии на Netflix, видеа на Youtube, да читаме различни бесплатни книги, сепак сите сме се нашле во ситуација кога ни е досадно и залудно скроламе по нашиот Instagram профил. Нашиот OSKA тим размисли кои работи можете да ги правите со помалку користење на интернет, а повеќе користење раце. Или користење на интернетот на корисен начин. 

1. Свирете инструмент

Денес можете да најдете многу видеа на Youtube, каде можете да ги научите вашите омилени песни на пијано или гитара. Исто така можете да си купите некој ефтин синтисајзер за почеток, а ако видите дека ова баш Ве интересира, можете да инвестирате и повеќе во иднина. 

2. Започнете блог за тема која ве интересира

Без разлика дали е ваше хоби или некоја тема за која сакате да направите промена во вашето општество, екологија, урбанизам, или слично. Можете да започнете блог каде ќе го пишувате вашето мислење или гледање на работите за таа тема. Ова ќе Ве направи да се чувствувате слушнати и можеби ќе привлече други луѓе кои што го делат вашето мислење. 

3. Посетете ги вашата баба и дедо

Нашите баба и дедо, се оние кои понекогаш од брзиот начин на живот, ги ставаме последни на листата. Меѓутоа кога ќе се сретнеме со нив, времето се успорува и се потсетуваме на нашето детство. Исто така, сите ние еден ден ќе бидеме стари, па така, треба да бидеме тука за нив и да им правиме друштво. 

4. Пријави се на некоја работилница

Провери на интернет дали во твојот град се организира некоја работилница за некаква рачна изработка. Може да биде: шиење, плетење, грнчарство и многу друго. Може да биде работилница за комуникативни вештини, театар, или маркетинг. Без разлика од која професија доаѓате, подобрување на вештините во секое поле може да Ве направи подобар професионалец. 

5. Научете некој рецепт од странска кујна

Дали сте пробале да зготвите кинеско или мексичко, или можеби тајландско? Ако не, сега е правиот момент да го направите тоа. Изненадете ги вашите пријатели, партнер или родители со некој рецепт кој што е егзотичен и несекојдневен. 

6. Направете си Pinterest mood board за домот од вашите соништа

Не си поставувајте граници кога сонувате! Создадете mood board за вашиот дом од соништата без да размислувате за буџетот или во кој град и земја живеете. Дозволете си да уживате во вашите фантазии и оставете ја имагинацијата да Ве води. Можеби ќе откриете нешто ново за самите вас. Потоа покажете им го овој board на вашите најблиски и прашајте ги што мислат.

7. Време е за поинаква Cocktail Night!

Што велите за home made коктели во стаклено шише со многу мраз, и да ги пиете под отворено небо со вашата soulmate личност. Фенси местата во градот се веќе здосадени, а исто така и коктелите станаа многу скапи во последно време. 

8. Научете нов јазик

Апликацијата Duolingo е многу лесен начин за да научите нов јазик, или барем основите на јазикот. Не ги бирајте стандардните популарни јазици, пробајте да учите Дански, Марокански или Јапонски. Велат дека секој нов јазик развива нов дел од нашиот мозок. 

9. Започнете дневник

Пишување дневник беше многу популарно кога бевме мали, но денес многу психотерапевти предлагаат да пишувате за вашите емоции, сонови, мисли и многу друго. Негување на оваа навика може да ви помогне да се запознаете подобро себеси и да се истражите на еден подлабок начин. 

10. Средете си го вашиот дом според методот на Marie Kondo

Marie Kondo е јапонски организационен консултант. Таа споделува совети за како да го средите домот и како да ги научите вашите најмали да го прават тоа. Таа има серија на Netflix каде им помага на различни фамилии да си го средат домот. 

11. Научете како да се грижите за растенија

Растенијата во нашиот дом ни даваат мир и спокој, сепак предизвик е да научиме како да се грижиме за нив и да им даваме љубов, освен да ги полеваме со вода. Постојат многу блогови кои што пишуваат за начинот на чување и одржување на растенијата, исто така има и фб групи за љубители на растенија каде што луѓето споделуваат совети и се дружат. Пробајте, можеби ова ќе стане вашата нова пасија.

Прочитај: Поблиску до природата – зеленило во ентериерот 

12. Направете листа од 10 книги кои сакате да ги прочитате до крајот на годината

За благодетот од читање на книги сме читале и слушале од мали години, но дали тоа е навистина така? Многу луѓе велат дека преферираат да гледаат филм, наместо да читаат книга, но сепак сме изложени на екран и неговата штетна светлина. Не мора да читате книги кои не Ви се интересни, можеби сеуште не сте го нашле вашиот омилен жанр на книги. Затоа ослободете се и истражувајте. Пробајте да читате трилери, љубовни романи, драми, мотивациони или историски книги. Не морате да ги дочитате до крај, само пробајте да видите што е она што вас Ви се допаѓа. 

Прочитај : Книгите се како водзухот што го дишам, не можам без нив – разговор со Андриана Ристевска @prodolzidacitas 

13. Шетај низ светот преку Google Earth

Дали знаете како изгледа Хонк Конг или Сингапур? Една вечер одвојте да се прошетате низ светските метрополи, или можеби мали селца низ целиот свет. Фасцинирајте се од различните градови кои што се создадени од оваа цивилизација низ целиот свет. 

14. Направете си маникир и педикир

Дали морате да одите во салон за да имате совршени нокти? Апсолутно не. Велат кога си правиме маникир и педикир сами на себе е многу слично на медитација, затоа што нашите раце се целосно зафатени и мораме да бидеме многу прецизни. Нормално е дека на почетокот нема да бидете совршени, но со тек на време ќе се подобрувате, како и секоја друга работа во животот. 

15. Почни да селектираш отпад

Селектирањето отпад е многу лесна навика која што за многумина изгледа ужасно напорна. Прва работа која треба да ја направите е да видите каде најблизу до вас има канти за пластика, хартија и стакло. Потоа во вашиот дом можете да си направите посебен простор за овие три типови на отпад. Кога сте спремни, информирајте ги членовите на вашиот дом за оваа промена и бидете главниот полицаец доколку некој погреши. 

Види: Како Горјан Јовановски селектира во својот дом

16. Прочитај за Feng Shui и пробај да примениш некој совет во твојот дом

Велат дека Feng Shui уредувањето може да помогне за мирот и спокојот во вашиот дом. Ова е голема дисциплина за која треба повеќе истражување. Може ова да стане твојата нова опсесија. Ништо не можеш да изгубиш ако експериментираш и пробаш мали промени во твојот дом. 

17. Напиши писмо

Заборави на социјалните медиуми и пробај да направиш нешто поинакво. Напиши писмо на личност која ти е драга. Пробај да им го разубавиш денот на оние кои ти значат и напиши им некој убав збор. 

18. Нареди ги книгите во твојата библиотека според боја

Велат дека редоследот на книгите според боја, помага да се чувствуваме посмирено и средено во просторијата во која се наоѓаме. Исто така ваквата организација ќе ни помогне полесно да ги најдеме и да се навратиме назад на оние кои што сакаме да ги препрочитаме повторно. 

19. Купи производ од локален дизајнер

Истражи кои локални дизајнери постојат во твојот град или земја. Истражи ги нивните колекции, заследи го нивниот профил на социјалните мрежи и стапи во контакт. Многу од дизајнерите ќе бидат отворени да ти ги покажат нивните колекции без да треба да купиш. Посети го нивното студио и информирај се за начинот на кој тие размислуваат и како ја создале таа колекција. Доколку нешто навистина ти се допадне, можеш да го купиш. 

20. Слушај Podcast

Постојат подкасти за секоја тема. Слушајќи нови подкасти можат да ти помогнат да слушнеш различно размислување на теми за кои не си запознаен/а. Прашај ги твоите пријатели кои Podcast и ги слушаат и започни со некои, па постепено ќе откриваш нови. 

21. Оди во парк во кој никогаш не си бил/а

Секој град има еден главен парк каде што сите одиме, но секогаш има и други алтернативни паркови кои што не сме ги посетиле. Договори се со пријателите или оди сам/а. Чувствувај се како турист во својот дом. 

22. Прими гостин дома преку Couchsurfing

Couchsurfing е страна за преспивање на туристи во странски земји кај луѓе кои сакаат да го споделат нивниот гостински кревет или кауч. Можете да се пријавите на оваа страна и да примите гостин кој е дојден на посета во нашата земја. Можете да го прошетате и да дознаете нешто ново за некоја нова култура, а со тоа и да создадете нов пријател. 

23. Исчисти си го емајлот

Сигурни сме дека сите имате многу емајли во вашето сандаче кои што никогаш ги немате отворено и не ни планирате да ги отворите. Одвојте 1 саат за ова, и организирајте си го вашиот емајл, со што ќе можете да имате подобар преглед врз важните пораки. 

24. Почнете да учите за ѕвездите

Ѕвездите и соѕвездијата се бесконечно пространство кои се откриени во многу мал процент. Сепак, постојат многу онлајн видеа, книги каде можете да истражувате. Исто така кај нас постои астрономско друштво каде можете да се зачлените. На пример Скопско Астрономско Друштво

25. Испринтајте албум со слики од вашиот живот

Денеска чуваме многу фотографии во нашите телефони и компјутери и забораваме да ги овековечиме тие спомени. Некогаш треба да одвоиме време и да направиме избор од нашите најдраги спомени и да ги испринтаме за да ни останат засекогаш. Одвојте време за тоа, направете преглед низ вашите спомени и испринтајте ги. 

Погледнете во нашата е-продавница...