Домот е храм на нашиот живот. Таму поминуваме значителен дел од сите животни процеси: спиење, јадење, разговор со најблиските, релаксација, учење, работа (за оние кои работат од дома) и многу друго. Земајќи го ова во предвид, повеќе од јасно е дека организацијата на домот треба да биде наш приоритет . Прочитајте ги овие предлози за како да го претворите вашиот дом во храм на мирот и спокојот.
1. Употребете природни бои и текстури
Многу трендови за уредување на домот во последниве години се стремат кон употреба на природни тонови и нијанси, како и почесто користење на белата боја во домот. Бела софа може да внесе чистина и релаксираност во просторот. Овој тренд стана и комерцијално претпознатлив од домот на Ким Кардашијан кој е уреден од Јапонскиот архитект Тадао Андо. Додека порано тенденцијата беше во домот да се постават многу предмети кои ќе алудираат на луксуз и комфор, денес се оди на што е можно помалку предмети, природни бои, материјали и едноставност.
2. Опремете го домот со мебел од природни материјали
Природните материјали во домот внесуваат смиреност, мирис на удобност и комфор. Многу често сме опкружени со вештачки материјали и синтетички производи како во облеката, така и во просториите во кои живееме и работиме. Природните материјали и текстури можат да влијаат позитивно на нашите сетила. Можете да внесете ќебе од природен текстил кое што ќе биде пријатно за допир и ќе ве прави да се чувствувате релаксирано.
3. Елиминирајте ги сите непотребни аксесоари
Многу од нас чуваат сувенири и спомени од патувања, роденденски подароци и некои предмети кои што често ги пребришуваме, но немаат апсолутно никакво значење за нас. Повторно прегледајте ги сите украси, мали скулптури, рамки за слики и се останато. Видете што од ова навистина Ве прави среќни кога го гледате, а што само стои непотребно. Многу непотребни предмети во домот ни ја одземаат енергијата и фокусот.
4. Кажете Да за празен простор
Треба да размислите што значи за вас празниот простор во вашиот дом и колку имате од истиот. Некогаш стари алишта или предмети кои што не ги користите може да зафаќаат значителна површина корисен простор кој што можете да го користите за други работи, на пример да вежбате јога или да биде само празен простор кој ќе отвори врата за нова енергија во вашиот дом. Исто така, сите полици не мора да бидат целосно полни. Полупразни полици со книги, даваат мир на мозокот.
5. Создадете флексибилност во просторот
Секогаш кога купувате ново парче мебел, размислувајте колку е тоа флексибилно и дали ќе можете лесно да ја менувате неговата позиција во просторот. Менувањето на организацијата на просторот е фантастична вежба и релаксација за целото семејство. Одеднаш се чувствувате дека живеете во нов стан. Ваквото менување на позицијата на мебелот, за одредено време, Ви овозможува да согледате колку вашиот дом е подлежен на промени, а истовремено и самите вие.