Skip to content

Hygge начин на живот и убавината на секојдневните моменти

Hygge е дански концепт за живеење кој е веќе распростанет речиси низ целиот свет и со добра причина – Данска и останатите скандинавски земји редовно се на највисоките позиции на листите за најсреќни земји. Истовремено, hygge може да значи нешто различно за секој од нас и нема универзална дефиниција за тоа како најдобро да го вклопите овој концепт во вашиот живот. Hygge може да биде буквално сè што ви носи топлина, удобност, смиреност и мекост во вашиот дом, но и надвор од него. Тоа може да бидат малите и секојдневни моменти на уживање, пролетното сонце, букетче цвеќиња во вазна на работното биро, топло ќебе на студен ден, првото
кафе што го пиете во мир, звукот на морето во лето…

Иако hygge тесно се поврзува и со уредувањето на домот, всушност како филозофија на живот ги опфаќа сите сетила со кои може да направите смирена и релаксирана атмосфера. Скандинавците се познати по уредувањето во неутрална палета на бои, со бели ѕидови, светли подови, дрвени детали, природна светлина и природни материјали и декорации. Оваа естетика е привлечна зашто дава чувство на смиреност без премногу визуелни препреки. И покрај ова, домот треба да е уреден во стил што ќе е најпријатен за тие што живеат во него, па „правилата“ апсолутно може и да се прекршат во овој случај и да си го следите сопственото око.

Мирисот, допирот, звукот и вкусот подеднакво може да влијаат на нашето расположение и на тоа како ги доживуваме разните моменти. Ова може да е мирис на цимет, ванила, сандалово дрво или јоргован, допир на меко ќебенце или полно дрво, вкус на благо пециво штотуку испечено во рерна или звукот на дожд.

Мене најпријатно ми е кога сите или бар повеќето сетила ми се активирани и задоволени истовремено. Од наједноставен пример како кога ќе станам од спиење и ќе облечам нешто удобно, го правам првото кафе низ звуците на некоја песна што во моментот ми е омилена, слушам како зоврира водата, кафето ја исполнува цела кујна со мирис на карамела и печени јатки, Мињо ми се вртка околу нозе и му го чувствувам мекото крзненце, а на шанк гледам некое мало букетче со цвеќе. Или кога шетате во близина на некоја река во април, ги гледате сите бои на пролетта во цвеќињата, допирате мов што е мек како најнежно перниче и со звуците на водата ја слушате и природата како се буди.

Hygge се наоѓа во умеењето да уживаме во секојдневните мали нешта, независно од тоа како тие изгледаат за секој од нас. Hygge е обидот да се живее поспоро, посвесно и посмирено, особено во овој свет во кој сите некаде брзаме. 

 

Погледнете во нашата продавница...