Skip to content
Home » Методот и филозофијата на Marie Kondo

Методот и филозофијата на Marie Kondo

Прогласена за една од 100те највлијателни луѓе во светот според магазинот Times во 2015 година, Marie Kondo е јапонски организационен консултант, писателка и бизнисменка.

Таа е најпозната по нејзиниот хипер минималистички метод на расчистување и организирање познат под името KonMari. Главниот постулат на овој метод е тенденцијата во својот дом да го имаме само она што ни е неопходно и што не прави среќни. Преку него се истакнуваат позитивните аспекти на редот, со посебен акцент на спокојството и чувството на релаксација во домот.

KonMari методот се базира на веќе познати принципи на организација познати во рамки на домот на оваа јапонка, но и на одредени аспекти на источната филозофија, фенг шуито како и инспиративното менторство. Низ призмата на оваа филозофија целта на средувањето е да се трансформира домот во свет простор, односно место на моќ исполнето со чиста енергија. Тајната се состои во ослободување од вишокот на предмети и добра организација, а сето тоа е отелотворено преку пет чекори.

УРЕДУВАЊЕТО НА ОБЛЕКАТА

Уредувањето на облеката е појдовната точка. Основна препорака во овој дел е сортирањето на облеката по категорија и по боја. Позната е техниката на преклопување на облеката во форма на малечки правоаголници кои потоа ќе бидат наредени во фиока. Она што е важно е облеката да биде сместена на лесно достапно и видливо место.

ДОМАШНАТА БИБЛИОТЕКА

За секој вистински вљубеник во книгата, домашната библиотека претставува посебно катче. KonMari методот сугерира совршен распоред на книгите согласно нивното значење. Најпрво, селекција општо на книгите кои ги читаме поради сопствено задоволство. Потоа, книги кои имаат практична вредност како што се книги за домаќинство или едукативни книги. За крај остануваат книгите кои ги имаме покрај нашите масички за кафе и списанијата во домот. 

Со оглед на тоа што ние сме големи вљубеници во  полиците за книги, ваквиот пристап убедливо не инспирираше. 

 

ХАРТИЈА

Без разлика на современиот стил на живот и дигиталната ера, скоро секој од нас во својот дом се уште има по некое парче хартија. Практичен начин за нејзино сортирање е складирање по папки. На пример: сметките за струја во една папка, привремените скрипти за на факултет во друга и во трета папка важните документи кои ќе ни требаат  неограничен период. Притоа, убаво е на секоја папка да има ознака на која ќе пишува што сме складирале.

КУЈНСКА ОПРЕМА И АКСЕСОАРИ

Четвртиот чекор на организација ги вклучува сите останати предмети како што е домашната кујнска
опрема, електроника, шминка, звучници, аксесоари, и се останато. Кога станува збор за кујнската опрема, специфична е поставеноста на артиклите која е хоризонтална. Со ова се овозможува целосно искористување на капацитетот на површините, но и поголема видливост на посакуваните продукти.

 

ПРЕДМЕТИ ОД СЕНТИМЕНТАЛНО ЗНАЧЕЊЕ

Предметите кои се од длабоко сентиментално значење за нас се оставени како последен чекор во уредувањето на просторот.

Овој метод е исклучително ефикасен бидејќи ефектот на уредување на домот, допринесува и за ресетирање на нашиот ум. Она што е важно е дека енергијата што ја чувствуваме во тој простор ни се рефлектира во целокупното секојдневие.

Може ќе ви се допадне...