Peggy Gou е млада девојка родена во Јужна Кореја која што работи како DJ, трендсетер, дизајнер и многу друго. Нејзината кариера ја има започнато како инфлуенсерка во Азија, и секогаш е исклучителна во својот стил на облекување и стилизирање, но и во стилот на нејзиниот уникатен дом во Берлин. Нејзиниот животен стил вклучува постојано патување низ целиот свет. Таа ги поминува своите летни одмори во Италија, Ибица, наесен оди во Париз, Лондон, Њу Јорк, понекогаш се враќа во Соул, Јужна Кореја, меѓутоа нејзиното живеалиште се наоѓа во Берлин.
Во дневната соба на оваа позната артистка доминираат пет уникатни елементи кои на просторот му даваат посебна препознатливост. Овие пет елементи меѓусебно се надополнуваат со своите материјали, текстура и форма. Во совршена тридимензионална слагалица се наоѓаат : дрвената полица за книги, прекрасната светло сина софа, впечатливата шарена маса, заобленото огледало како и рељефната скулптура на нејзиниот ѕид која што претставува смајли.
ПОЛИЦИТЕ СО КНИГИ
Веќе знаете за нашата љубов за полиците со книги, она што најпрво го привлече нашето внимание е фронталниот ѕид од собата. Токму тука е поставена голема дрвена полица, изработена од темно масивно дрво.
Истата е поделена на повеќе помали прегради во динамичен распоред. Заземајќи голем дел од површината на ѕидот, полиците се исполнети со книги, скулптури, вазни со цвеќе.
Исто така на овие полици можете да најдете и различни кукли од KAWS.
СМАЈЛИ РЕЉЕФНАТА СКУЛПТУРА
Карактеристичен елемент е рељефната скулптура на нејзиниот ѕид која претставува смајли со рамнодушен израз. Таа е составена од три неонски светла кои се поставени на метална подлога исечена во несовршена кружна форма.
Смајлито во техно светот е многу користен симбол. Исто така смајлито доживеа целосна експанзија со неговото користење во социјалните медиуми и интернетот како емоџи и како такво пренесува емоција на позитивно расположение.
СВЕТЛО СИНАТА СОФА
Нареден впечатлив елемент е светло сината софа дизајнирана од Pierre_Augustin Rose. Оваа софа е препознатлива по нејзината специфична линија и софистицираност.
Несекојдневната форма на софата и заоблените краеви и даваат посебна елеганција, а во исто време и едноставност.
Светло сината боја е одличен избор бидејќи истата совршено се вклопува со амбиентот, дава медитерански шмек на самиот простор, чистота и спокој.
Оваа боја е и препорака за 2022 година во нашиот предлог на препораки.
ШАРЕНАТА МАСА СО КНИГИ
Многу често во убавите домови и куќи можеме да најдеме клуб маса на која има поставено различни интересни книги и списанија, кои најчесто никој не ги чита, но стојат таму за го комплементираат просторот.
Ваквото поставување на книги дава впечаток на дом во кој книгата има важно место.
Впечатливата клуб маса во домот на познатата Peggy Gou е дизајнирана од холандскиот дизајнер Dirk Vander Kooij кој во целост работи со рециклирана пластика.
ЗАОБЛЕНОТО ОГЛЕДАЛО
Како последен елемент кој не нè остави рамнодушни е заобленото огледало во средиштето на дневната соба.
Ова огледало по се изгледа е едно од омилените и најексплоатирани места за фотографирање и обновување на Instagram содржината на оваа кул инфлуенсерка.
Поставено на совршена локација, само една фотографија во огледалото ги доловува сите посебности кои го прават овој дом она што е, уникатен, топол и необичен.