Дали знаете дека македонската куќа има чардак, кој што бил простор каде фамилијата можела да ги поминува летните денови. Тука се спиело, се престојувало, се дружеле, пееле песни и многу друго. Овој простор бил природно вентилиран и немало потреба од климатизер за освежување на температурата. Денес, за жал, овие чардаци не се пракса во современите станбени згради, па затоа е неопходно да најдеме начин да допреме до овој начин за живот, кој може да има многу бенефити, а еве и како.
Многу од нас, живеат во станбени згради и спијат во мали спални соби, кои што се многу често и пренатрупани со предмети, декорации и непотребни елементи. Ова константно влијае на нашиот сон. Всушност, никогаш не сме целосно опуштени во нашето спиење туку секогаш имаме некоја просторна тензија која не опкружува. Доколку не можете да направите никаква промена во вашата спална соба, дадете си за предизвик, ова лето да поминете барем една ноќ под отворено небо.
Поврзување со природата
Капитализмот ни наметнува дека престојот во хотел со 5 ѕвездички, со базени и со полн пансион е најпрестижниот одмор кој што можете да го имате. Но дали е тоа навистина така? Дали сакате повторно да спиете на совршено чисти чаршави, во соби со совршени бањи, каде што се е беспрекорно чисто или можеби не е страшно ако видите некоја мравка или скакулец близу до вашиот душек. Спиењето на отворено ќе ве врати кон првобитниот човек и ќе ве поврзе со природата, чиста и совршена како што таа е. Впрочем, вие и припаѓате таму.
Хармонија од звуци
Замислете какво е чувството да заспиете со шумолењето на дрвјата и да се разбудите со звукот на врапчињата. Колку е прекрасно да се опсервира природата и целиот оркестар на звуци која што таа ни го нуди. Ова искуство може да биде медитативно за вашиот ум и тело. Многу често сме несвесни за звучното загадување кое го има градот. Во текот на денот нашите уши, а преку тоа и психа, се оптеретени со звуци на автомобили, градежни работи, рекламни пропаганди,… сето тоа ги оптеретува нашите сетила и ги ослабува. Една вечер во природа може да го рестартира вашиот систем.
Природата е нашата прва мајка
Нашето тело не е направено за да седи 8 саати на ден пред компјутер. Нашето тело е направено за да се качува по дрвја, да одмора покрај река и да бара храна во природата. Колку и да никогаш не сте го правеле ова, пробајте на еден ден и ќе видите колку е тоа познато за вас и е дел од вашите примарни инстинкти. Има ли поубаво чувство од кога ќе најдеме диви јаготки во дивината?
Спиењето во природа ќе ве чини 0 денари
Македонија е прекрасна земја, со прекрасни природни убавини. На само 20 км од секој град можете да најдете магични пејзажи кои што се уникатни. Не треба да одите предалеку и да трошите премногу средства. Спакувајте ја вашата вреќа, перница, пижами, сендвич и плинско и ѓезве за турско кафе. Кога ќе се вратите во градот, сите ќе се чудат, од каде имате наполнето таква позитивна енергија.