После неколку недели тмурно и невообичаено студено време, конечно имаме вистинска пролет. Пролетта е период на будење, нови почетоци и поведро расположение после сивилото од зимата што помина. Сепак, за многумина промената во сезони може да значи и променливо расположение, па еве неколку начини како да се чувствувате пролетно во домот, но и надвор од него.
Купете си свежо цвеќе
Букетче со цвеќиња на масичката во дневна или макар и само 3 цветови во мала вазничка може да направат вистинско пролетно расположение во вашиот дом. Ова не мора да се скапи цветови или букети, наједноставно е да си купите цвет или мало букетче од некоја бабичка низ маало или од женичките што продаваат на Зелено пазарче или на Буњаковец. А може да заштедите пари и на вазни и да реупотребите стаклени шишиња од разни пијалаци.
Грижете се за растенија
Ако не сакате да трошите пари на цвеќиња, инвестирајте во неколку растенија што ќе ви го освежат просторот со малку зеленило. Веќе има безброј студии кои покажуваат дека растенијата и цвеќињата го подобруваат нашето расположение, а грижата за растенијата е и еден вид грижа за себе. Исто како и за цвеќињата, ова не мора да се големи растенија што бараат комплицирана нега, доволно е и само некоја сансеверија, потос, замија или кактус.
Внесете поведри бои
Тргнете ги сивите или кафени зимски ќебиња и заменете ги со навлаки за перници или некоја полесна прекривка во пастелни бои. Направете ги книгите со корици во ведри бои дел од вашиот декор. Заменете ги драпериите со лесни завеси во светла боја што ќе дозволат да влезе многу светлина во вашиот дом. Ако сакате принтови, пролетта е совршеното време за сите цветни мотиви.
Поминувајте повеќе време надвор од домот
Времето поминато во природа е исклучително важно за нашето расположение и ментално здравје. Всушност, повеќе студии покажале дека барем два часа неделно поминати во природа имаат огромни придобивки за нашето целокупно здравје. И кога подобро да се остварат овие два часа неделно ако не во пролет кога времето не е ни претопло ни преладно.
Ослободете се од сè што повеќе не ви користи
Како сезона на будење и нови почетоци, пролетта е совршено време за подлабоко да погледнете кон нештата и релациите што повеќе не ви користат. Ова може да се непотребни предмети во вашиот дом што ќе ги подарите некому или намалување на комуникацијата со луѓе со кои немате меѓусебно разбирање. Па така, направете еден детокс на вашиот дом, но и на вашето ментално здравје со тоа што ќе поставите нови граници во односите со останатите луѓе.