Skip to content

Трендовски бои на ентериер за 2022 година

Актуелноста на случувањата во светот последниве неколку години внесе различна динамика во сечие секојдневие. Нашите домови добија епитет на мултифункционални прибежишта каде се одвиваат повеќето наши активности. 

При тоа, еден од клучните аспекти кои придонесуваат за удобно и хармонично чувство е секако просторот кој нè опкружува. Изборот на бои привлечни за нашето око е рефлексија на нашиот карактер. Како таков тој е многу важен фактор за присуството на позитивни мисли без кои не може да се замисли добро поминатиот продуктивен ден.

Тимот на Оска на еден инспиративен начин креираше предлог на смела палета на бои кои во 2022 година ќе внесат автентичен дух и нов бран енергија во вашето омилено катче.

МАСЛИНАСТО ЗЕЛЕНА

Инспирирани од маслиновите дрвја кои растат покрај медитеранските брегови како и маслиновата гранка која е симбол на мирот претставено во клун на бел гулаб во лет нашиот прв избор на боја за домашен ентериер е маслинасто зелената боја. Оваа боја во себе симболизира раст, хармонија, надеж и свежина. Преку маслинасто зелената боја ќе бидете во допир со природата што ќе ви донесе смирувачки ефект кој ќе ви даде чувство на задоволство и слобода.

ПУТЕР ЖОЛТА

Според германскиот научник и романсиер Јохан Волфганг фон Гете жолтата боја е поврзувана со вредности и категории како што се моралот, интелектуалноста, науката. Жолтата или бојата на сонцето е боја на енергијата, таа предизвикува чувство на топлина и радост, а  ја стимулира и менталната активност. Пастелна и неутрална, путер жолтата боја ќе допринесе за поголема природна светлина во вашиот дом, а преку неа може да се потенцираат најважните елементи на дизајнот. 

ЛАВАНДА

Бојата на лаванда е дефиниција за допамински сјај во рамки на вашиот дом. Истата е нежна и софистицирана, дава благопријатно чувство на спокој, а истовремено е и енергичен избор кој на вашиот дом ќе му даде препознатлив шарм. Кога мислиме на боја на лаванда всушност мислиме на мудрост, креативност, мистерија, магија.

НЕБЕСНО СИНА

Кога ќе кажеме небесно сина боја, тоа веднаш нè асоцира на небо, воздух, вода, море. Изборот на небесно сината, воздушеста нијанса е синоним за чистота, а истата се поврзува со свеста и интелектот и се смета како корисна за телото и умот. Овој избор на боја на вашиот ѕид ќе вдахне свеж бран на идеи, убави мисли и безгрижност. Таа симболизира лојалност, самодоверба, вистина, рај.

КАРМИН-РОЗЕ

Оваа боја ќе допринесе за нова димензионалност на просторот, бидејќи таа ќе му даде природно, живо и удобно чувство на просторот. Друг аспект на оваа трендовска боја е и нејзината романтична нота која на вашиот ентериер ќе му даде елеганција и префинетост.

Може ќе ви се допадне...