Нашата култура која е потрадиционална, ни создава очекувања дека нашиот дом треба да биде оној кој ќе го делиме со нашиот партнер/ка и нашата фамилија. Реалноста е дека се повеќе луѓе одлучуваат да живеат сами и тоа го прават со стил. Нашиот OSKA тим направи листа на 7 работи кои што можете да ги направите за да уживате во вашиот дом, без да имате потреба од партнер или семејство за да го надополни просторот.
1. Спалната соба нека биде вашето зен катче
Спалната соба е уникатен простор каде што ги поминуваме важните саати на одмор и релаксација. Секое утро кога се будиме овој простор треба да нè разбуди со позитивни мисли. Затоа се важни повеќе аспекти. Светлината е еден од најважните. Некои луѓе сакаат да спијат и да се разбудат во темна просторија, други пак сакаат да бидат разбудени од природното сонце. Размислете убаво или пробајте ги и двете варијанти и направете одлука кој е вашиот избор. Внимавајте на овие важни детали, затоа што можат да влијаат на вашето расположение низ целиот ден.
2. Испратете позитивна енергија во вашиот дом
Marie Kondo кога започнува да средува домови во целиот свет, најпрвин испраќа позитивна енергија во просторот. Таа го прави тоа не уникатен начин, меѓутоа ништо не ве запира да измислите ваш уникатен начин за да ја хармонизирате енергијата во вашиот дом. Прва работа која што можете да ја направите е да бидете благодарни што имате дом, што имате кревет каде спиете, што можете да се избањате, да имате доручек и кафе,… Потоа можете да им се радувате на сите мали работи во вашиот дом, светлината од сонцето, пријатниот ветер кој доаѓа од вашиот прозор. Сите овие работи се мали, но многу значајни на подолг период ако ги практикувате секојдневно.
3. Направете си распоред за чистење и средување
Сте виделе дека во кафулињата низ градот има една табела закачена на тоалетот каде што вработените кои што се грижат за редот, запишуваат кога чистеле. Зошто да не го примените тоа и во вашиот дом? Можете да си направите распоред и да се придржувате кон истиот. Ваквата рутина ќе донесе мир во вашиот простор и чистењето може да биде забавен процес ако е надополнета со музика и песна.
4. Обрнете внимание на мирисот на вашиот дом
Мирисот во домот е специфична тематика затоа што е многу субјективен и секој човек има различни преференци. Некои луѓе сакаат мирис на чистина и средство за чистење, други пак сакаат по благи мириси на парфем. Трети пак, го обожаваат мирисот на кафе и готвена пита. Кој и да е вашиот стил, размислете на тоа и внесете нов мирис во вашиот дом. Експериментирајте, можеби ќе откриете нешто ново за самите себе.
5. Купете некое уникатно парче мебел или уметничко дело
Сте размислувале ли дека ако поседувате уникатно парче мебел или уметничка слика или скулптура, може да го направи вашиот простор уникатно и интересно искуство каде ќе се чувствувате свечено и добро? Разгледајте ги делата на локалните дизајнери и уметници и видете што одговара најмногу со вашиот дом. Исто така можете да се консултирате со архитект кој ќе ве посоветува кој е најправилниот избор за вас.
6. Кујната нека стане ваша хоби просторија
Кој рекол дека треба да имаме гости за да си направиме вкусен оброк? Многу често кога живееме сами ја оставаме кујната неуредна, и ја средуваме тогаш кога некој ќе не посети. Кујната е лабораторија на вкусови, мириси и звук. Ако ја погледнете со еден ваков поглед, ќе добиете нов впечаток и одвај ќе чекате да загњурите во безбројните комбинации на храна, зачини и егзотични овошја и зеленчуци. Некогаш можете да приготвите некакви колачи и да изненадите пријател/ка за нивниот роденден, или за било кој друг ден.
7. Внесете растенија во домот и научете како да се грижите за истите
Грижата за растенијата е голем предизвик за многу луѓе. Меѓутоа ако живеете сами, можеби растенијата ќе внесат нова енергија и чувство на свежина и друштво во просторот. Знаејќи дека секој ден треба да проверувате во каква состојба се, ќе ве направи грижлива личност и целото внимание нема да биде само на самите себе. Во следните текстови планираме да разработиме малку повеќе околу грижата на растенијата, така што следете го нашиот блог за да бидете први кои ќе дознаат.