Skip to content

Книгите се како воздухот што го дишам, не можам без нив – разговор со Андриана Ристевска @prodolzidacitas

Ја запознавме Андриана или позната како prodolzidacitas преку Instagram. Таа на својот профил нуди огромна датотека на прочитани книги, многу предлози и осврт на истите. Таа е очигледно голем вљубеник во читањето и тоа несебично го споделува со своите следбеници кои се 11.4 илјади од земјава и од странство. Таа грижливо ја надополнува својата домашна библиотека со избрани наслови каде можат да се најдат македонски и странски автори. Од минатиот месец во нејзината библиотека се наоѓа и полицата Dena од колекцијата Movable

OS: Која е Андриана во три реченици?

AR: Никој до сега не побарал да се опишам во три реченици и навистина ме замисли прашањето. Не сум тип на човек што сака да се фали, но успеав некако да напишам три реченици. Секогаш насмеана и секогаш тука за другите луѓе. Јасно знае што сака и секојдневно посветува голем труд и внимание за да го оствари истото. И секако, секогаш со книга во рака. 

OS: Како се роди желбата за читање книги?

AR: Не можам да кажам дека сум била поттикната од некој. Искрено, таа секогаш била во мене. Уште пред да почнам на училиште (4 години) се дружам со книгите, а и самата научив да читам. Од кога ја открив магијата на книгите не престанав да бидам воодушевена од нив. Сега тие се дел од мојот секојдневен живот. Тие се како воздухот што го дишам, не можам без нив.

OS: Кои ти се омилени 5 дела?

AR: Уф, тешко прашање со оглед на тоа дека имам повеќе од 5, но ќе се обидам да издвојам. На прво место ми е ,,Сенка на ветрот” од Карлос Руиз Зафон. Тоа беше љубов на прва страница. До пред некое време мислев дека ниедна книга нема да ме допре исто како неа, но оваа година ја најдов втората книга што го дели местото со неа: ,,The Revelation of Three” од Sara M. Shaller.

Следни омилени книги ми се ,,Сите твои совршености” од Колин Хувер, ,,Доилката” од Лилјана Пандева и ,,Сликата на Доријан Греј” од Оскар Вајлд.

OS: Каков жанр ти го привлекува вниманието?

AR: Читам буквално се, но најмногу сакам трилери.

OS: Колку книги до сега имаш прочитано?

AR: До сега 616 книги. 

OS: Кога почна да ја создаваш својата домашна библиотека и како се одлучи за нејзиниот дизајн?

AR: Активно почнав да си купувам книги од јули 2014 година. Секогаш сум била воодушевена од високите полици, од подот до таван. Почнав со едноставни полици кои неколку пати ги имам надоградувано, како што ја збогатував, и моментално ми се баш како што секогаш сакав.

OS: Како совршено би излгедала твојата домашна библиотека од соништата? Можеш да ни испратиш слика

AR: Како што ми е моментално. J

OS: Дел од твојата библиотека е и полицата Dena од колекцијата Movable, како таа се вклопи во твојот дом и какво е досегашното искуство со истата?

AR: Како што кажав претходно секогаш поубави ми биле високите полици, но кога ја добив полицата Dena, јас бев заљубена во првиот миг! Љубов на прв поглед. Колку само убаво ми се вклопи, обожавам кога влегувам во соба и ја гледам неа. Покрај тоа што изгледа убаво и можеш буквално како што сакаш да ја искористиш, исто така е и многу практична. Верувајте, јас би знаела. Толку многу книги си бараат и одржување. Со Movable тоа е многу полесно. Тркалцата ми овозможуваат полесен пристап, а и во секое време можам да ја преместам. Ја обожавам.

OS: Дали после толку читање ти се родила желба да напишеш нешто свое, расказ, поезија или цела книга?

AR: Да! Отсекогаш сум сакала да напишам книга, но сметам дека не сум спремна за таков подвиг. Да напишеш книга не е лесна работа, потребно ти е многу време и труд. Но, се надевам дека некогаш во иднина ќе напишам.

OS: Која реченица ти оставила најголем впечаток од прочитаните книги? Или барем од последната книга што ја читаш.

AR: Имам неколку, но ќе споделам извадок од овогодинешната книга која освои најмногу гласови за Книга на годината, ,,Коски на срцето” од Колин Хувер.

‘‘Можеш да си го исполниш животот со убави предмети, но убавите предмети не ги пополнуваат дупките во твојата душа.‘‘

OS: Дали преферираш домашни или странски автори? Дали странската литература сакаш да ја читаш на англиски или друг јазик или на македонски?

AR: Читам подеднакво и странски и домашни автори. И искрено не знам зошто кај нас се одбегнуваат домашните автори. Можам со сигурност да кажам дека некои од нив би можеле да конкурираат во светски рамки. Имам прочитано многу убави книги од наши автори кои вредат премногу. Една од мојата цел кога го креирав Продолжи да читаш беше да ја споделам љубовта кон јазикот. А како би ја негувале таа љубов освен со читање на домашни автори? Затоа, доколку не сте читале книги од македонски автори ве предизвикувам да им дадете шанса. Нема да се разочарате.

Што се однесува до странска литература, не ми прави никаков проблем јазикот. Читам и на македонски и на англиски јазик.

Погледнете ја колекцијата креативни полици Movable