Без разлика дали работиме во канцеларија или од дома, доколку нашата работа е врзана со седење пред компјутер, ние поминуваме голем дел од денот седејќи во иста позиција и на исто место. Работното катче, и начинот на коешто е уредено, игра голема улога во продуктивноста и ефективноста. Затоа, многу е важно да се создаде работен простор што ќе ни овозможи да останаме фокусирани, но и ќе придонесе за удобноста во текот на работниот ден. Доколку работите од дома, идеално е да посветите посебен простор наменет единствено за вршење на вашата работа.
Во прилог се неколку наши совети кои ќе ви помогнат при создавањето на вашето идеално место за работа.
Бирање на работна маса
Димензии… Просечната работна маса е длабока најмалку 60 см, а долга 80-100 см. Иако на пазарот постојат и помали, секоја маса со помали димензии од наведените е апсолутно некорисна. Идеалната работна маса е со длабочина од 80 см. Оваа длабочина овозможува да бидеме пофлексибилни при раководењето со предметите (книги, документи, тетратки и сл.) кои се наоѓаат помеѓу нас и екранот. Долгата работна маса, со должина над 100 см., ќе придонесе за нашата продуктивност и за поприроден тек на работата. Поголемата работна површина обезбедува порелаксирана атмосфера, сите потребни предмети да ни бидат секогаш на дофат, и да има дополнителен простор за да ни се придружи наш соработник или колега.
Материјал…
Поминуваме околу осум часа со нашите раце потпрени на работната површина. Затоа е многу важно кога избираме маса да инвестираме во добро и квалитетно парче мебел. За оваа цел го препорачуваме природното дрво како природен материјал кое се користи веќе со векови наназад за оваа намена. Рокот на природното масивно дрво е околу сто години и се користи за изработка на квалитетно парче мебел кое ќе трае со генерации.
Поставеноста на работната маса
Постојат две опции за кои треба да размислувате кога барате простор за сместување на вашата работна маса. Првата опција е масата да биде залепена за ѕидот, со тоа што ќе гледате директно во него и ќе немате други дистракции; а втората е масата да биде свртена наспрема просторијата. Ние ја препорачуваме втората опција затоа што ни овозможува различна длабочина на погледот и со тоа, повеќе простор да се одмори окото. Или, уште подобро, да биде свртена кон прозор каде што на ист начин погледот ќе може да се фокусира и да одмора од објекти што не се екранот.
Погледнете во нашата е-продавница...
Уредување на работната маса
Откако сме ја избрале масата и сме го одредиле местото на нејзината поставеност, следува уредувањето на самата работна површина. Овој дел е многу важен затоа што ги избираме предметите коишто ќе нè опкружуваат во моментите кога работиме или создаваме. Идеално поставената работна површина може веднаш да не мотивира за работа и организација и да ја поттикне нашата продуктивност. Работната средина треба да нè инспирира да бидеме подобри, покреативни и поефективни во нашата работа и кариера и таа треба да претставува пример за кој целиме во животот.
При уредување и декорирање на работната површина, ве советуваме да се опкружите со сите практични и неопходни предмети за вашата работа (хартија, пенкала, документи, тетратки, и сл.), но и да додадете предмети со естетска вредност (свеж букет, свеќа со вашиот омилен мирис, сувенир од некое патување) и објекти со емотивно значење (омилената чаша за кафе, рамка со слика од блиските, вашиот нотес или дневник).
Предметите кои имаат емотивна вредност за нас ќе нè мотивираат дополнително и тие имаат смирувачки ефект, може да придонесат при намалување на анксиозноста и стресот. Естетскиот дел е точка на која окото ќе одмори и ќе го балансира и разубави канцеларискиот простор.
Складирање
Секогаш направете доволно простор за складирање. И самите знаете дека никогаш нема доволно простор и секогаш треба да бидете доволно обезбедени. Особено доколку сте студент/ка или работите со многу книги, хартија и документи. Откако ќе го искористите просторот хоризонтално, размислете за вертикално складирање на потребниот инвентар и додавање на дополнителни полици.
Осветлување
Осветлувањето е многу важен елемент за нашата работа на кој многу често забораваме или го игнорираме. Доброто осветлување, освен одлична прегледност, може да ни даде енергија и да влијае на нашето добро расположение. Лошо осветлениот простор предизвикува умор, главоболка, го влошува видот и ја намалува нашата ефикасност и фокус. Секогаш го препорачуваме природното осветлување како подобро од вештачкото. Но, доколку работите во вечерните часови, имајте предвид дека поставеноста на сијалицата не треба да биде позади вашата глава. Осветлувањето треба да доаѓа од просторот на главата до масата и така да го опфаќа целиот работен простор.
Одржување на работната површина
За крај, препорачуваме работната маса да се користи исклучително само за работење. Доколку се навикнеме да го користиме просторот за социјализирање, подготвување оброк или јадење, тогаш седнувањето на нашата работна маса ќе престане да ни сигнализра дека е време за работа. Избегнувајте да јадете пред компјутер или на местото на коешто работите. Колку и да имате обврски, секогаш е најдобро да станете за време на вашиот оброк и да смените локација. Со тоа ќе направите мала пауза и вашата работна атмосфера ќе биде одделена.
Работното катче треба редовно да се чисти и одржува за да не ни пречат непотребни и несредени предмети. Најдобро е површината да се исчисти и среди по завршувањето на работниот ден, така ќе си дадеме можност за свеж и нов почеток кога следниот ден ќе продолжиме со работа. Ова е навика која треба да ја пренесеме на нашите најмили уште од најрана возраст.